Breaking News

ДИК: Двојните избори утре ќе ги следат 1303 домашни и 860 странски набљудувачи, како и 83 странски новинари


Вториот круг претседателски избори и парламентарните избори утре ќе ги следат 1303 домашни набљудувачи, 860 странски набљудувачи и 83 странски новинари, информира на денешната седница на Државната изборна комисија, нејзиниот член Бобан Стојаноски.


Претходно тој информира дека до ДИК пристигнале барања за акредитации за набљудувачи за изборите за претседател и за изборите за пратеници, а се однесуваат на дополнување на веќе прифатени акредитации, се работи за организација Вејк ап – 9 набљудувачи, ТВ Н1 од Белград со двајца новинари, Телевизија Клан Косова – 8 новинари, Амбасадата на САД дополнување со еден набљудувач, и ТВ Имеди – двајца новинари.


Стојаноски истакна дека до ДИК пристигнале уште 14 приговори за заштита на личното избирачко право, од кои на седницата поголем дел се прифатени, а неколку одбиени.

Гласањето во текот на утрешниот ден, потсети Стојаноски, се врши лично на гласачките места во државава.


-Избирачкиот одбор задолжително го прашува гласачот дали сака да гласа за двата вида на избори или сака да гласа само за еден вид на избори, односно дали сака да гласа дали за претседателски или за парламентарни или како што напоменав претходно и за двата избори одеднаш.

Притоа, им го објаснува начинот на гласање и им овозможува на гласачите да гласаат. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.


Притоа, гласачот го приложува документот за лична идентификација, важечка лична карта или патна исправа, односно за претседателски избори 2024 година лична карта или патна исправа чија важност истекла од 24 јули 2023 година до 24 април 2024 година, а за парламентарните избори гласачот ќе може да гласа со лична карта или со патна исправа чија важност истекла во периодот од 8 август 2023 година до 8 мај 2024 година, кажа Стојаноски.

Појасни дека гласачот добива два гласачки ливчиња доколку се одлучи да гласа за двата вида на избори или едно гласачко ливче за изборите за кој се одлучил да гласа и се потпишува во соодветниот извод од избирачкиот список.


-Гласачот гласа сам тајно зад гласачкиот параван.

Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот, името на листата или редниот број на кандидатот со хемиско пенкало во сина боја.

Превитканото гласачко ливче го става во соодветната гласачка кутија, бидејќи утре имаме двојни избори на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии соодветно обележани.

Притоа, секој гласач се задржува во избирачкото место онолку време колку што му е потребно за да го оствари своето право на глас без притоа да направи каков било застој во истото.

На крај гласачот го подигнува документот за лична идентификација и го напушта гласачкото место, истакна тој.

ДИК апелира до избирачките одбори и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесени од страна на ДИК со цел успешно спроведување на двојните избори кои ќе се одржат во текот на утрешниот ден.

нд/лв/   .

Извор: МИА