Западoт го игнорира Путин, на неговата инаугурација меѓу присутните се Стивен Сигал и контроверзниот „Хирург“

by Fokus

Соединетите држави и повеќето земји од Европската унија ја бојкотираат церемонијата на инаугурација во Кремљ на Владимир Путин, кој освои уште еден претседателски мандат на изборите во март. Но, Франција и некои други земји од ЕУ се очекува да испратат свој пратеник и покрај апелите од Киев.

Владимир Путин денеска во Москва положи заклетва како претседател на Руската Федерација, со што официјално го започна својот петти шестгодишен мандат.

На инаугурацијата присуствуваат членови на Владата, пратеници на Државната Дума и Советот на Федерацијата, шефови на претседателската администрација, судии на Уставниот суд, претставници на дипломатскиот кор и други.

На церемонијата беа поканети вкупно околу 2.600 гости. Меѓу присутните е и водачот на руската моторџиска група „Ноќни волци“ Александар Залдостанов, познат како „хирургот“.

Но, нема сите да дојдат, а различните одговори на западните сили само ги истакнуваат поделбите околу тоа како да се однесуваат кон рускиот лидер, кој ја започна инвазијата на Украина пред повеќе од две години, пишува Ројтерс.

– Не, нема да имаме претставник на неговата инаугурација. Ние секако не сметавме дека тие избори се слободни и фер, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи во тоа својство – изјави претходно Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент.

Велика Британија и Канада претходно соопштија дека нема да испратат никого да присуствува на церемонијата, која доаѓа еден ден откако Русија во понеделникот објави дека ќе одржи вежби за тактичко нуклеарно оружје за кои се надева дека ќе ги разладат „жешките глави“ на Западот.

Висок функционер на Кремљ изјави дека шефовите на сите странски дипломатски мисии во Москва се поканети на инаугурацијата на Путин, пренесува Ројтерс повикувајќи се на Интерфакс.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано најави дека амбасадорот на Унијата во Русија нема да присуствува на церемонијата, во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот. Европски дипломат претходно рече дека 20 членки на ЕУ ќе го бојкотираат настанот, но седум се очекува да испратат свој претставник, вклучително и Франција.

Германското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека нема да присуствува.

Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, претходно категорично ја отфрлија можноста за присуство на инаугурацијата.

Во меѓувреме, на церемонијата во Москва поканети се и познати личности од јавниот живот. Како што пренесуваат агенциите, актерот Стивен Сигал – кого Путин минатата година го одликуваше со Орден за пријателство – пристигна во Кремљ, каде што присуствуваше на инаугурацијата.

Во 2018 година, актерот исто така беше меѓу поканетите на заклетвата на Путин како претседател.

Поврзани новости