Први зборови на Путин по положувањето заклетва/ВИДЕО

152
EPA-EFE/MIKHAIL KLIMENTYEV / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска во Москва положи заклетва за неговиот шестгодишен претседателски мандат. Путин влезе во салата Георгиевска и беше поздравен со аплауз од публиката.

Со давање заклетва, Путин ја презеде функцијата претседател на Руската Федерација, по што беше интонирана националната химна на земјата.

Текстот на претседателската заклетва е определен со Уставот на Руската Федерација (член 82) и гласи:

„Се колнам дека при вршењето на овластувањата на претседателот на Руската Федерација, ќе ги почитувам и штитам правата и слободите на човекот и граѓанинот, ќе го почитувам и бранам Уставот на Руската Федерација, ќе ги штитам суверенитетот и независноста, безбедноста и интегритетот на државата и верно ќе му служам на народот“.

Путин по преземањето на претседателската функција им се обрати на граѓаните и рече дека народот сам ќе одлучува за иднината на државата. Тој се заблагодари за укажаната доверба. Тој им се заблагодари на граѓаните во сите региони, како и на оние на историските територии кои го бранеа своето право да бидат дел од Русија и на сите кои се борат за Русија.

„Се обраќам на секој граѓанин на Русија. Само што дадов заклетва, а тоа е суштината на претседателската функција – да му служи на народот и да ја заштити Русија, тоа е чест, обврска и света должност“, рече тој и им порача на граѓаните дека сами ќе одлучуваат за судбината на државата.

Како што истакна, убеден е дека државата достоинствено ќе го преживее тешкиот период и ќе стане уште посилна.

„Ве уверувам дека во иднина интересите и безбедноста на народот на Русија ќе бидат над сѐ за мене“, рече Путин.

Путин положи заклетва на свечена церемонија пред најистакнатите личности во земјата, со што официјално стана актуелен лидер на Русија за уште еден мандат.

На церемонијата присуствуваат претставници на Сојузното собрание (рускиот парламент), судии на Уставниот суд на Руската Федерација, членови на владата и Централната изборна комисија, како и истакнати научници, уметници, реномирани спортисти и странски гости. Истиот ден, руската влада поднесува оставка, со што ќе започне правниот процес за формирање нова влада.