Breaking News

Тасевски: Денот на полицијата е симбол на пожртвуваноста, одговорноста и храброста


Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Сашо Тасевски упати честитка до полициските службеници, пензионирани и идни полицајци, вработени во МВР по повод 7 Мај – Денот на полицијата порачувајќи им на колегите да бидат пример за полициската професионалност и ефикасност во служба на граѓаните.


-Овој ден, 7 Мај – Ден на полицијата, кој од срце ви го честитам, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста и храброста.


Тоа се карактеристики што мора да ги развива секој еден кој положил заклетва пред полициската униформа.

Во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите, а континуираното зајакнување на воспоставениот концепт на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата носи сѐ подобри резултати во спречување на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет, се наведува во честитката објавена на неговиот официјален фејсбук профил.


Тасевски подвлекува дека полициската професија е одговорност и чест и оддаде почит на колегите кои се жртвувале во извршувањето на службата.

 -Полициската професија значи огромна одговорност, но и посебна чест, бидејќи токму вие ја ставате безбедноста на другите пред сопствената, грижејќи се за посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на Македонија.


Притоа, речиси и да нема работен ден да не покажете уште една ваша доблест – храброста, соочувајќи се со крајно ризични ситуации, ситуации во кои, за жал, некои го дадоа најскапоценото – сопствениот живот.

Затоа на овој посебен ден оддаваме и длабока почит на нашите колеги кои денеска ги нема во нашите редови.


Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена, а она што ни го оставија во наследство претставува инспирација за сите нас, инспирација за идните полициски службеници, стои во честитката на фејсбук статусот.

Тој со порака до колегите да бидат пример за полициската професионалност во корист на граѓаните.

-Почитувани колеги, погрижете се да продолжите со силна мотивираност да ги оправдате очекувањата на колегите кои се веќе во пензија, а биле пример за полициската професионалност, да бидете што поефикасни, во полза на сите наши граѓани.

Би сакал уште еднаш, почитувани колеги, искрено да ви го честитам нашиот професионален празник – Денот на полицијата и на сите вработени во МВР да ви посакам здравје, успех, просперитет и уште подобри професионални резултати.

Да живее македонската полиција!, пишува на фејсбук директорот на БЈБ Тасевски. вг/Фото: МВР  .

Извор: МИА