Македонската стриминг-платформа „Синесквер“ воведува ново возбудливо искуство за најмладите корисници – „Кидсквер“ за деца на возраст од шест до 12 години. Повеќе филмови за најмладата публика, дел синхронизирани на македонски и албански јазик, сега може да се гледаат на платформата со соодветни игри и квизови приспособени за најмладите корисници. „Кидсквер“ користи гејмификација за да го направи искуството на платформата поактивно, како играње игри или одговарање на квизови поврзани со филмовите за собирање поени, кои корисниците ќе можат да ги реупотребат понатаму.
Услугата ќе биде достапна за корисниците на „Синесквер“ со месечна претплата, без потреба од дополнително инсталирање софтвер и приспособувања. Корисниците ќе можат да ги гледаат германскиот филм „Смрдушковци – добредојдовте во Смрдвил“ синхронизиран на македонски и албански јазик, холандските „Лето со Рана“ и „Дрвени лудории“, финскиот „Сихја – бунтовничката самовила“ и многу други. Лансирањето на „Кидсквер“ означува значаен момент, тоа е почетна точка за воспоставување паневропска алијанса посветена на промоција на аудиовизуелни дела за деца. Овој проект е соработка помеѓу домашната компанија „Катавеј“ како лидер на проектот, полската „Нове хоризонти“ и италијанската „Нексо диџитал“ како партнери, кофинансиран преку програмата на МЕДИА – „Креативна Европа“.
– Ние сме возбудени да го претставиме „Кидсквер“ и да обезбедиме разновидна палета на висококвалитетни филмови за деца со елементи на гејмификација на гледачкото искуство. Гејмификацијата вклучува инкорпорирање елементи слични на игра, како што се играње игри или одговарање на квизови поврзани со филмови за да се направи искуството на платформата попривлечно. Овој проект претставува заеднички напор за промоција на европски содржини и за задоволување на потребите за забава на младите корисници. Особено нѐ радува што од „Креативна Европа“ ја препознаа оваа важна иницијатива и ја поддржаа, што зборува за нејзината европска димензија и потенцијал да стане омилена дестинација за семејствата низ Европа – велат од „Катавеј“.
Услугата засега е достапна во Македонија, Албанија, Косово, Словенија, Италија и во Полска.