Тројца повредени во стравотна сообраќајка во скопско Влае, едно од возилата преполовено

by Fokus

Триесет и двегодишна скопјанка е тешко повредена, а кај две лица се констатирани телесни повреди во стравотна сообраќајна несреќа што ноќеска се случила на крстосница во скопската населба Влае.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи (МВР), сообраќајната несреќа во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје била пријавена во 2:25 часот. Се случила на крстосницата од булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ангел Динев“, а во неа учествувале две возила, едното марка „шевролет“, зад чиј волан била 32-годишната Е.С., и автомобил „ауди“, кој бил управуван од 27-годишниот Б.А. од скопски Сарај.

За стравотноста на несреќата говори глетката која и неколку часа по неа можеше да се забележи на местото во близина на мостот „Влајко“. „Шевролетот“ во кој била Е.С. стоеше буквално преполовен на булеварот, додека „аудито“ се наоѓаше на неколку метри од него.

Скопјанката била пренесена во Клиничкиот центар „Мајка „Тереза“ каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

Фото: 360Степени

Поврзани новости