Фото: Маја Јаневска Илиева

Кога ќе се согледаат „интерните причини“ за отсуството на дијаспората на претстојните парламентарни избори во Македонија, сепак најзачудувачки е зошто во 21 век, со напредни технолошки можности за спроведување на целиот изборен процес, кој овозможува и заштеда на изборниот буџет, државата се доведува во ситуација да им го ускрати правото на глас на своите иселеници

Македонската дијаспора и нејзината партиципација во одлуките за Македонија се од стратегиско значење (3)

Дали државата ѝ овозможува достапни начини на дијаспората како да ги искаже својот глас/став/мислење? Нашата дијаспора воопшто не е малобројна, а токму бројноста на дијаспората и нејзиното коректно инкорпорирање во процесите на непосредната демократија (избори, референдуми) го подигаат скалилото на делегираниот легитимитет на избраните носители на јавната власт (а и на која било друга одлука што треба да се донесе и е ставена на тест на највисоките институти на непосредното практикување на демократијата – изборите или формите на плебисцитарно одлучување).
Ова е третото продолжение во кое „Нова Македонија“ ќе се потруди да ги детектира слабостите во односот на државата кон иселениците, што се одразува на ефектот од нивниот придонес во внатрешните демократски процеси и да најде решенија на кој начин да се надмине таквата нелогичност, што ќе ѝ овозможи на дијаспората непречено, реално и активно, со сиот свој потенцијал, да учествува во давањето што повисок легитимитет на избраните носители на јавната власт

„Дисквалификација на дијаспората“ од претстојните парламентарни избори, поради „непостигнатиот цензус“ на пријавени за гласање меѓу македонските иселеници, а дефинирано со Изборниот закон, од неколку аспекти претставува своевиден парадокс на демократијата во Македонија. Првиот аспект што предизвикува збунетост е тоа што во истиот изборен ден, иселениците ќе можат да гласаат за вториот круг на претседателските избори, но нема да можат да го остварат своето право на глас за парламентарните избори, зашто не се регистрирале за гласање во доволен број, односно барем толку гласачи за да се достигне бројката со која е избран пратеникот што имал најмалку гласови (околу 5.000). Една од причините за вториот парадокс со гласањето на иселениците е проблемот што се појави со (не)важноста на патните исправи со старото уставно име на државата. Но кога ќе се согледаат овие „интерни причини“ за отсуството на дијаспората за овие парламентарни избори, сепак најзачудувачки е зошто во 21 век, со напредни технолошки можности за спроведување на целиот изборен процес, кој овозможува и заштеда на изборниот буџет, Македонија се доведува во ситуација да им го ускрати правото на глас на своите иселеници.

Измена на законските решенија за избори, но и измена на ограничувањето за гласање само во дипломатско -конзуларните претставништва

– Навистина е неразбирливо зошто во 21 век, кога постојат повеќе технолошки опции да се олесни и да биде подостапно гласањето на македонската дијаспората, Македонија со закон се ограничува само на гласање во дипломатско-конзуларните претставништва, кои за поголемиот дел од иселениците се многу оддалечени од нивното место на живеење. Многу држави веќе применуваат електронско гласање за својата дијаспора или гласање преку пошта (што се применува во САД и за резидентното население). Постојат веќе искуства за посовремен начин на гласање на дијаспората и не мора иселениците да гласаат само во ДКП-та. Која од опциите за гласање на дијаспората ќе ја примениме, зависи најмногу од тоа каков изборен модел ќе избереме, но секако заштитата на правото на глас може да биде преку електронска идентификација, или со матичен број. Во Македонија веќе постои и функционира систем на електронска идентификација за регулирање на даночните обврски. Ако може данокот да се регулира електронски, зошто и да не може да се гласа електронски – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
И претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, смета дека по овие избори треба да се размислува за промена на тој систем за дијаспората, бидејќи би требало и тие да имаат претставник. Но со овој начин на учество на иселениците во македонските изборни процеси, државата троши големи средства, а нема никаква ниту бенефиција, ниту резултат од гласањето во дијаспората.

Примери на гласање во балтичките и скандинавските држави

Кога станува збор за искуствата со други начини на гласање, освен класичните со физичко присуство на гласачкото место, во Европа се чини најмногу предничат балтичките и скандинавските земји. Естонија е една од европските земји, која, покажувајќи респект и уважувајќи ги статусот и правата на своите иселеници, на претседателските и парламентарните избори дозволува електронско гласање во странство, и тоа уште од 2003 година. Речиси дведецениското искуство на оваа земја (мошне слична по големина со Македонија) со електронско гласање кажува дека значително се олеснува учеството на избирачите во естонската дијаспора.
Во Финска, пак, граѓаните што живеат во странство учествуваат на изборите така што им се овозможува гласање преку пошта, во дипломатско-конзуларните претставништва или, пак, на финските бродови што се наоѓаат во странство. Слична е изборната регулатива во Шведска, со тоа што Швеѓаните во дијаспората имаат право да гласаат во шведските цркви во странство.
Според статистичките податоци, учеството на изборите на шведски избирачи во странство, за кои се проценува дека вкупно ги има околу 700.000, на последните парламентарни избори беше маркантно зголемено – од 33 на приближно 40 отсто. Меѓу шведските партии се зголемува свеста дека значењето на избирачите во странство не може да се потценува, така што сѐ повеќе им се посветува внимание во изборната кампања, како на домашен терен така и во земјите каде што живеат.
Кога станува збор за „алтернативен“ начин на гласање во соседството, на претстојните избори за Европскиот парламент, Грците за првпат ќе имаат можност да гласаат по пошта. За гласање преку пошта на претстојните европски избори на 9 јуни, веќе се пријавиле над 157.000 грчки граѓани, од кои мнозинството, односно 116.000 живеат во Грција, а другите се од дијаспората. Пријавувањето за поштенското гласање во Грција започнало во средината на февруари, а заврши пред неколку дена. Гласањето преку пошта за првпат ќе се спроведе на претстојните евроизбори, а имаа право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство. Интересот за новиот начин на гласање бил висок кај сите старосни групи, додека пак од дијаспората се пријавиле граѓани што живеат во 115 земји. Грците што живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да изберат како ќе го остварат правото на глас – или на избирачките места како досега или со гласање по пошта. Избирачкиот материјал по пошта ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота, 8 јуни, односно денот пред изборите.
И во соседните Косово и Албанија се појавуваат иницијативи за електронско гласање (обично околу избори), но изборите сѐ уште се спроведуваат на класичен начин.
Во секој случај, многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите, водејќи се од логиката дека гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина како и оние од избирачките кутии.