Фото: Маја Јаневска Илиева

Нагласувајќи ја потребата Македонија да вложи во истражувањата на вештачката интелигенција, во денешниов есеј ќе се обидам накусо да проговорам за нејзините предизвици

Во 60-тите години од минатиот век, во еден филм на ИБМ, се појави слоганот „Машините можат да ја завршат работата за луѓето да имаат време да размислуваат“, денес, шеесетина години подоцна, се чини, земајќи ги предвид можностите на генеративната вештачка интелигенција, слоганот треба да биде спротивен: „Луѓето можат да ја завршат работата за машините да имаат време да размислуваат“. Се разбира денес машините не мислат – тие се, сепак, само машини за обработка на податоци. Меѓутоа, навистина не е важно што тие се способни да имитираат интелигентно однесување, не е важно што нивните творци беа мотивирани пред сè од истражувачката љубопитност, а не од мрачните планови за потчинување на човештвото, сè што е важно е дека овие машини имаат незамислива моќ над иднината на човештвото – моќ што сега е во рацете на грст луѓе. Нагласувајќи ја потребата Македонија да вложи во истражувањата на вештачката интелигенција, во денешниов есеј ќе се обидам накусо да проговорам за нејзините предизвици.
Дисциплината вештачка интелигенција, во последните шеесетина години, помина низ повеќе циклуси на оптимизам, проследени со разочарување и губење на финансирањето, за во 2020 година да пристигне нејзината пролет: се појавија моделите што користат генеративна вештачка интелигенција. Еден од најзначајните пробиви во истражувањата на вештачката интелигенција се големите јазични модели, последниот од нив ГПТ-4 (GPT-4) кратенка од генеративен претходно обучен трансформатор (Generative Pre-trained Transformer), првпат испорачан на 14 март 2023. Разговарај-ГПТ (ChatGPT) е платформа што, врз основа на големите јазични модели, овозможува корисниците да разговараат со моделот, насочувајќи го разговорот кон посакувана должина, формат, стил, ниво на детали и јазик. Еве еден пример на разговор меѓу Џефри Хинтон (еден од пионерите на вештачката интелигенција) и Разговарај-ГПТ, објавен во списанието „Њујоркер“ (The New Yorker) во ноември 2023 г. Откако, по барањето од Фокс вестите (Fox News) за интервју и неговиот кус одговор „Фокс е окси морон“ напишан намерно со празен простор меѓу окси и морон, Хинтон го прашува Разговарај-ГПТ: дали може да ја објасни шегата. Првиот одговор на платформата е дека неговата реченица имплицирала дека Фокс вестите се лажни, меѓутоа, кога тој го свртел вниманието на празниот простор пред „морон“, системот објаснил дека Фокс вестите предизвикуваат зависност, алудирајќи на дрогата ОксиКонтин (OxyContin).
Во расказот „За точност во науката“, Хорхе Луис Борхес ни претставува замислена империја во која картографската наука станува толку развиена и прецизна, што нејзе ѝ треба мапа на иста скала како самата империја. Тековните пристапи во вештачката интелигенција се карактеризираат токму со тоа: аспирација за мапирање на сѐ, од моделите на вселената до човечките емоции што се толкуваат низ најситните мускулни движења на човечкото лице, сѐ станува предмет на квантификација. Во светот доминираат неколку глобални мегакомпании, кои, со помош на вештачка интелигенција, создаваат нови инфраструктури и механизми за акумулација на капитал и искористување на човечките и Земјините ресурси. Жедта за нови ресурси предизвика потрага по сѐ подлабоки слоеви на податоци што може да се користат за да се измери човечката психа, свесна и несвесна, приватна и јавна, индивидуална и општа.

Во книгата „Атлас на вештачката интелигенција: моќ, политика и планетарни трошоци на вештачката интелигенција“ (2022 г.), Кејт Крафорд открива дека вештачката интелигенција е технологија на екстракција, технологија што вцицува сè и сешто: од користење огромни природни ресурси – енергија, вода и минерали до експлоатирање на трудот на работниците, од користење податоците земени од процесите што некој ги прави за да постигне некаква цел до собирање податоците замени од процесите што манифестираат нечии мисли или чувства. Во 2018 година, Кејт Крафорд и Владан Јолер објавија мапа од големи размери (во 2022 г. мапата се постави во Музејот на современа уметност во Њујорк – МоМА) и труд со наслов „Анатомија на еден ВИ систем“ (ВИ за вештачка интелигенција) (Anatomy of an AI System). Трудот ги анализираа еколошките и човечките ресурси потребни за развој, производство, одржување и, конечно, отуѓување (отфрлање) на производот Амазон ехо. Животниот циклус на Амазон ехо подразбира меѓусебно поврзан синџир на процеси: (1) добивање литиум во Боливија, (2) создавање големи бази на податоци за учење во Југоисточна Азија, (3) употреба на бродови и меѓународната логистика, (4) анализирање на податоците од страна на Алекса сервисот низ дистрибуирани податочни центри и (5) складирање дигитален отпад во Гана, Пакистан и во Кина. Пет години подоцна, во 2023 година, во едно интервју, Кејт Крафорд ќе рече: „Генеративната вештачка интелигенција е најмалку пет пати енергетски поинтензивна од традиционалното пребарување. Еден разговор со Разговарај-ГПТ (ChatGPT) значи истурање шише со свежа вода. Ова е страшно во време на екстремна климатска криза“.
Ваквите истражувања помагаат да се разберат глобалните импликации на вештачката интелигенција, но и пошироко, на новите технолошки и инженерски решенија, да се разбере слоевитата природа на преземањето и експлоатацијата на вредности од светот во развој во развиениот свет и да се осветлат нивните темни страни. Вистинската димензија потребна за изградба на технолошките и инженерските системи е премногу сложена, премногу затскриена зад параванот наречен интелектуална сопственост и премногу заглавена во логистичка комплексност за да може целосно да се разбере. Негативните последици од новите технолошки и инженерски системи треба да се адресираат што поскоро, имајќи предвид дека (1) вистините и лажните информации, од една страна, и реалноста, од друга страна, што отсекогаш историски биле комплицирани, со векови, но денес, во ерата на вештачката интелигенција, тој однос епистемиолошки пропаѓа: креирање локални меури на реалност и неможноста да се провери што е веродостојна вистина, предизвикува губење стабилна референтна точка, па оттука, мора да се размислува за тоа како светот се перципира, како се восприемаме едни со други, за работите да не станат многу нестабилни; и (2) начинот на кој тие функционираат овозможи централизирање на моќта во рацете на неколкумина, зголемена нееднаква распределба на трошоците и придобивките што ја придружуваат оваа централизација.

Дали Разговарај-ГПТ навистина ги разбира концептите или само многу подобро импровизира од претходните модели, без вистинско разбирање? Но, можеби, треба прашањето да се постави обратно: Што е повеќе застапено кај луѓето: вистинско разбирање на концептите или импровизација?

Што мислат за вештачката интелигенција добитниците на Тјуринговата награда за 2018 година, Хинтон, ЛеКун и Бенџио (Geoffrey Hinton, Yann LeCun, Yoshua Bengio)? Тројцата се сложуваат: „Не постои сомнеж дека, во иднина, машините ќе станат попаметни од луѓето. Прашањето не е дали ќе станат, туку кога и како“. Хинтон во 2023 година го напушти „Гугл“ за да може послободно да зборува за опасностите од вештачката интелигенција: неговата основна порака е дека вештачката интелигенција потенцијално може да излезе од контрола, на штета на човештвото.
– Верувам дека интелигентните машини ќе воведат ренесанса, нова ера на просветителство…. Целосно не се согласувам со идејата дека машините ќе доминираат со луѓето само затоа што се попаметни – вели ЛеКун. Пристапот на Бенџио е агностичен: „Нема цврсти аргументи што би ме убедиле дека нема ризици за кои размислува Џеф“, додавајќи, сепак, дека: „Прекумерниот страв може да парализира, па затоа треба да се обидеме да ги одржуваме дебатите на рационално ниво“. Професорот по филозофија на „Оксфорд“, Ник Бостром, во две книги, првата објавена во 2014 година со наслов „Суперинтелигенција: Патеки, опасности, стратегии“ и втората: „Длабока утопија: живот и значење во решениот свет“ (2024 г.), се фокусира на две дијаметрално спротивни теми: во првата каква е нашата иднина ако развојот на вештачката интелигенција тргне наопаку, во втората ако вештачката интелигенција може да ги преземе сите човечки активности, при што човештвото се соочува не со технолошки, туку со филозофски и духовни предизвици. Во таков свет, која е поентата на човековото постоење? Што му дава смисла на животот?
Ќе го завршам денешниов есеј со прашањето: Дали Разговарај-ГПТ навистина ги разбира концептите или само многу подобро импровизира од претходните модели, без вистинско разбирање? Но, можеби, треба прашањето да се постави обратно: Што е повеќе застапено кај луѓето: вистинско разбирање на концептите или импровизација?