Ќе гласаат болни и немоќни лица: 11.123 пријавени за претседателските, 11.225 за парламентарните избори

За вториот круг на претседателските и за парламентарните избори зголемен е бројот на пријавени болни и немоќни лица, кои ќе ги посетат членовите на избирачките одбори за да гласаат во домашни услови.

Од Државната изборна комисија (ДИК) изјавија дека на претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.

Претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев вели дека и во Штип бројката за двојните избори е зголемена за 50 болни и немоќни лица, со што утре во домашни услови ќе гласаат 208 лица.

Посочи дека на 8-ми мај на избирачките места ќе има две гласачки кутии, едната за избор на нов претседател, а втората за избор на пратеници. Гласачите ќе имаат право само еднаш да пристапат до избирачкото место.

-Членовите на избирачкиот одбор се должни да го прашаат секој избирач, дали сака да гласа за парламентарните или за претседателските избори или пак сака да гласа за двата вида избори и при тоа да му укажат на тоа дека има право само еднаш да пристапи на избирачкот место, појаснува Вацев.