фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во предвечерието сме на финалната одлука  дали Македонија ќе му ја вратиме на народот или ќе остане заробена, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на завршниот митинг во Прилеп на Коалицијата „Твоја Македонија“.

– Оваа нашата Македонија е градена на темелите на Илинденците, од солзите и лелекот на нашите мајки. Ова е можеби последната шанса зашто духовните темели станаа приватни. Ве повикувам сите да излезете на изборите за да не нѐ уценуваат – рече Мицкоски.

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова рече дека ќе биде претседател на сите граѓани.

– Сите ние да направиме заеднички исчекор, нов АСНОМ, четвртиот Илинден. Во овие 30 години, особено во овие мачни седум години се изнагледавме чудни нешта. На 8 мај да ја повториме лекцијата од 24 април. Народот легитимира и делегитимира. Да поставиме темел за горда Македонија. На 9 мај ќе почне нова демократска историја и не дозволувајте оние кои повикуваат на бојкот да го суспендираат вашето право на глас на избор – рече Давкова.

На вечерашниот завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ носителот на листата во ИЕ 4 Александар Николовски рече дека изборот не бил никогаш полесен.

– Дали ќе имаме нормална држава или држава што тоне во корупција, тоа е изборот. Осми мај е круна на нашата борба. Денес нашата генерација добива шанса да ја направи Македонија пристојно место за живеење – рече Николовски.