Приведени две лица под сомнение за поткуп при избори-најдени пари и списоци за гласање

by fokus

Две лица од село Мелница во општина Чашка се приведени попладнево поради основи на сомнение за поткуп при избори, откако по направени претреси во нивните домови се пронајдени оружје, пари и списоци за гласање.

-Денеска (06.05.2024) во 15.20 часот полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода И.И.(52) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело ” поткуп при избори и гласање” по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Застава” со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка. И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Исто така денеска, во 17.00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода А.Ч.(50) од село Мелница, општина Чашка.

При претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело “поткуп при избори и гласање” по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол ,,Валтер” со една рамка, еден пиштол „Црвена застава”, еден пиштол „Бул” со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени. А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти МВР.

Претходно, вечерва, Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 3 објави статус на неговиот Фејсбук профил за обид за поткуп на гласачи од страна на активисти на ДУИ.

-Лудилото со поткуп од страна на ДУИ и СДС не застанува. Штотуку ме информираа дека кај активисти на ДУИ било пронајдено оружје, биле пронајдени пари и биле пронајдени списоци за гласање. Истите биле лишени од слобода, пишува Ковачки.

Тој ги повика граѓаните да излезат масовно на избори, а за активистите на ДУИ дека ќе одговараат за поткуп за што следува казна затвор.

Поврзани новости