Кампања на Косово за изборите во Македонија: Коњуфца против Таравари – секој глас за кандидатката на ВМРО е антиалбански глас

Претседателот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца рече дека кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова имала антиалбански концепти и дека затоа не треба да биде поддржана од Албанците.

Овие коментари Коњуфца ги даде неколку часа по средбата налидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во централниот штаб на коалицијата „ВРЕДИ“, која е поддржана од премиерот Албин Курти и неговата партија, со Арбен Таравари.

Според него, на средбата било алудирано дека лидерот на македонската опозиција отиде да бара поддршка за вториот круг од претседателските избори или да обезбеди прелиминарен договор за новата влада на Македонија.

„Колку што лично јас сум ги видел политичките концепти што ги разви Гордана Силјановска-Давкова се многу антиалбански концепти, постои сомнеж за албанското население таму“, тврди Коњуфца без конкретно да посочи на која изјава мисли.

„Јас сум многу против овие концепти. Јас би бил против каква било поддршка од кој било Албанец за вакви концепти, бидејќи јас внимателно ги слушав. Тоа е антиалбански концепт што оваа кандидатка сама го објасни“, додаде тој.

Првиот човек на парламентот во Приштина истакна дека тој лично не би преферирал ниту една таква опција, бидејќи, според него, „тоа е на штета на Албанците“.