Шефот на европската дипломатија ја оцени како неприфатлива наредба на Израел за евакуација на Рафах

79

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ја оцени како „неприфатлива“ наредбата за евакуација што Израел ја дал на жителите на Рафах, на југот на Појасот Газа.

Таа наредба „го навестува најлошото – уште војна и глад“. Тоа е неприфатливо. Израел треба да се откаже од копнената офанзива во Рафах“, напиша Борел во пораката на мрежата Х.

„ЕУ, заедно со меѓународната заедница, може и треба да дејствува за да спречи такво сценарио“, додаде Борел.

Израел денеска почна евакуација на 100.000 луѓе од источниот дел на градот Рафах на југот на Појасот Газа, каде армијата се подготвува за голема офанзива во војната против Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последните неколку недели ја најави офанзивата на Рафа, која ја претстави како последно упориште на исламистичката организација Хамас, која владее со палестинската територија.

Според податоците на ОН, таму живеат околу 1,2 милиони Палестинци или околу половина од населението на целиот Појас, повеќето раселени, кои избегале од војната на северот.

Стравувајќи од крвопролевање, многу странски влади и меѓународни организации се против најавената воена операција во Рафах, за која Израел тврди дека е од суштинско значење за уништување на последните баталјони на Хамас.

Француското Министерство за надворешни работи денеска потсети дека Франција е „цврсто против“ на израелската офанзива на Рафа, реагирајќи на почетокот на израелската операција за евакуација на Палестинците од тој град.

Париз потсети дека „присилното раселување на цивилното население претставува воено злосторство според меѓународното право“.

Израелскиот премиер вети дека ќе започне офанзива без оглед на исходот од тековните разговори за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.