Остри пораки во финишот на кампањата – ќе прифати ли Димитриевски уставни измени кои се барања на албанските партии

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Остри пораки пред завршувањето на предизборната  кампања за изборите си упатуваат политичките  партии. На само неколку часа пред изборниот молк некогашните сопартијци СДСМ и ЗНАМ си разменуваат критики. На вчерашниот митинг на СДСМ во Струмица претседателот на партијата Димитар Ковачевски го критикуваше претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски  дека е предавник кој во иднина ќе биде со наведната глава.

Предавникот не што не го сакаат дома предавникот најмалку го сакаат таму каде што отишол да предаде. И затоа ви кажувам, ќе ги гледате овие од ЗНАМ кога ќе ги стават во последна клупа во Собрание после 8 мај и со наведнати глави не што ние нема да им правиме муабет овие од ВМРО помалку ќе им прават муабет. Но на крајот и тие и нивните поддржувачи и оние кои што се се уште во нашите редови“, вели Димитар Ковачевски.

Првиот човек на ЗНАМ Максим Димитриевски минатата недела им достави услови до раководството на СДСМ во кое меѓу другото бараше заминување на раководството. Тој денеска ги повтори критиките кон својата поранешна партија. 

За жал ние подадовме рака кон раководството на Социјалдемократскиот сојуз со одредени барања кои што не успеаја да се надминат самите себе си и штитејќи ги своите лични интереси всушност во залог ја ставија комплетно социјалдемократијата. Приоритетите на поединците во СДСМ се поголеми отколку приоритетите на наводната социјалдемократија на која што тие се повикуваат“, порача Максим Димитриевски.

Но каков е ставот на Димитриевски во однос на барањата на коалицијата ВРЕДИ која како услов за идната Влада ги става уставните измени. Димитритевски вели дека остануваат на нивниот став во однос на  уставните измени.

Нашиот став по однос на уставните измени е јасен и тоа е мој став кој што е изнесен во јавноста уште пред повеќе месеци. Што се однесува до соработка со Влада и во кој состав на Влада би соработувале  ние посакуваме доколку бидеме дел од идната Влада да имаме и албански партнер кој што ќе ги прифати овие услови“, вели Максим Димитриевски.

Димитриевски не сакаше да каже колку пратеници очекува да освои, но рече дека се надева дека бројот на добиените гласови ќе биде поголем од оние на првиот круг претседателски избори.