Вучиќ хит во Кина: Интевјуто на српскиот претседател за кинеска телевизија го гледале 300 милиони луѓе

238
Фото: CCTV

Триста милиони луѓе го гледале интервјуто на српскиот претседател Александар Вучиќ за кинески CCTV. Вучиќ во интервјуто посочи дека Србија може и треба да научи, како што наведе, „илјада работи од своите кинески пријатели“.

– Правиме големи подготовки за ЕКСПО. Кога управувате со земја имате високи цели. Секогаш мора да ги ставате новите цели на прво место. Ако сакаме да го постигнеме тоа, најдобар можен партнер за тоа отсекогаш била, и секогаш ќе биде, Народна Република Кина. Тоа е и претседателот Си, бидејќи тој секогаш го држи зборот. Го гледам како обичен, скромен човек, кога ќе вети нешто, го исполнува. Не можам да ви кажам дали имаме големи работи во железничкиот сектор, целокупната инфраструктура или индустрискиот сектор, економијата, туризмот, културата, но секако има илјадници работи што можеме и мораме да ги научиме од нашите кинески пријатели – рече Вучиќ за „High-End Interviews“.

Тој нагласи дека Србија е целосно посветена на посетата на Си и верува дека таа ќе донесе придобивки и ќе биде во интерес и на кинескиот и на српскиот народ.

– Има една важна работа. Договорот за слободна трговија што го потпишавме во Пекинг. Тоа е многу важен договор за нас. Затоа што сега достигнавме вкупна трговска размена од 6,1 милијарди долари меѓу нашите две земји. Верувам дека тоа ќе го удвоиме или ќе го зголемиме тројно во следните 10 години, па дури и повеќе од тоа – рече Вучиќ.

Кога станува збор за Тајван, Вучиќ истакна дека Србија силно го поддржува принципот на една Кина.