Саудиска Арабија и геополитичките тензии ја поддржаа цената на нафтата над 83 долари

Цените на нафтата се стабилизираа во понеделникот на меѓународните пазари над нивото од 83 долари под влијание на зголемените залихи на Саудиска Арабија и обновените тензии на Блискиот исток.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попледневното тргување беше за 43 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 83,39 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 51 цент поскапо, по 78,62 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во петокот поевтинил за 44 центи на 83,79 долари.

Нафтените пазари минатата седмица беа протресени од бавното вработување во САД и шпекулациите дека американската централна банка може да го запре намалувањето на каматните стапки до есен, што ќе ја намали економската активност и побарувачката на енергија на подолг рок.

Пазарите се стабилизираа во понеделникот откако Саудиска Арабија ги зголеми официјалните продажни цени за барелите за испорака во јуни до купувачите во Азија, северозападна Европа и Медитеранот, сигнализирајќи дека очекува силна летна побарувачка.

Цените беа поддржани на почетокот од седмицата и од знаците за закрепнување на економската активност во Кина, со континуирани добри резултати од услужниот сектор, зголемена побарувачка и подобрено расположение кај деловните лидери.

Во исто време, трговците се загрижени поради зголемената тензија на Блискиот исток. Палестинското милитантно движење Хамас повтори дека услов за ослободување на израелските заложници е прекин на огнот во окупираниот Појас Газа. Израел се подготвува да го нападне градот Рафах на границата меѓу Газа и Египет, повикувајќи ги палестинските бегалци да го напуштат градот.

„Веста дека Израел има намера да ги прошири воените операции во Рафах на крајот на краиштата може да го попречат потенцијалниот договор за прекин на огнот и повторно да ги запали геополитичките тензии на Блискиот Исток кои се чинеше дека се намалуваат“, рече Тони Сајкамор од “IG Markets“.