Освен поскапо сместување во Грција ќе плаќаме и поскапо гиро кое годинава чини од 4 до 5 евра. Првите туристи веќе се пожалија на високите цени на храната во Грција. Велат дека освен гирото поскапена е и храната во маркетите. Еден леб чини од 1,10 до 1,90 евра, литар млеко од 1,12 до 2,80 евра, јајца пакување од 12 парчиња до 3,50 евра… На фејсбук-страницата „Грчка инфо“ туристите велат дека секаде е забележан раст на цените на сместувањето, храната, лежалките на плажа, кафето, пивото….

И од туристичките агенции велат дека најмногу е поскапено апартманското сместување. Така, престој годинава чини 30 отсто повеќе од лани, односно за апартманско сместување во сезона ќе платите од 400 евра, па нагоре, во зависност од местото на сместување. Но, има и места што се претерано скапи, така, на пример, десетдневно изнајмување стан чини и над 510 евра по лице.

– Бев непријатно изненаден кога се распрашав за станови во Пефкохори. По лице – од 500 до 550 евра. Што е многу, многу е, коментира еден Македонец кој сака да резервира одмор во Грција.

Од туристичките агенции велат дека цените на сместувањето варираат во зависност од местото на сместување. На островите цените се далеку повисоки. Така, на пример на Тасос, само за собата ќе платите 850 евра по лице, а има и станови кои чинат по 900 евра по лице.

Поради високите цени од агенциите велат дека годинава се уште има слободни места во мај и јуни за некои туристички места кои се претерано скапи и кои минатите години кога цените беа понормално беа распродадени уште во јануари.

Омилената храна на македонските туристи во Грција, гирото, годинава чини меѓу 4 и 5 евра, додека мерида или порција чини од 7 до 10 евра. За пица, во зависност од големината ќе потрошите помеѓу 6 и 12 евра, додека скарата е нешто поскапа и за неа треба да издвоите 14 евра. Пиво чини од три до пет евра, а виното во зависност од производителот и количината, чини меѓу 2,50 и 22 евра.

За ладна чашка фрапе потребно е засега да одвоите помеѓу 3 и 4 евра, слично како капучино. Домашното кафе, „грчко“ чини и до три евра, а ако сакате да го засладите на крајот, топка сладолед ќе ве чини од 1 до 3 евра.

Згора на се, пораснаа и даноците за престој, што дополнително го оптоварува буџетот на туристите. Згора на се, пораснаа и даноците за престој, што дополнително го оптоварува буџетот на туристите.

– Најевтин и натаму е данокот за престој во станови кој досега изнесуваше 50 центи дневно по стан. Беше, значи, пет евра за 10 дена, а сега е евро и пол дневно, што значи 15 евра за 10 дена. Што се однесува до хотелите, за десет дена ќе ве чини од 30 до 100 евра во зависност од категоријата – велат од агенциите.

Летово поскапо ќе биде и изнајмувањето на лежалки и чадор поради иницијативата да нема веќе плажи во Грција каде што е забрането да ставите чадор и пешкир. Имено, на повеќето плажи во Грција од годинава половина од плажата мора да биде достапна за секого, а другата половина да биде со лежалки.

Во пресметката на трошоците за одмор, доколку летувате во Грција, треба да го вклучите и поскапувањето на патарините. Поскапувањето во просек изнесува нешто повеќе од 7,5 отсто, што би значело дека на грчките патарини ќе треба да платите и до три евра повеќе од претходната година.

Што се однесува до цените на основните прехранбени производи, литар сончогледово масло чини 2,60 евра, маслиново масло 1 литар  – 13,18 евра, фета сирење помеѓу 5,50 и 12,90 евра, доматите годинава се 2,10 евра, краставиците од 0,50 до 1,60 евра, килограм пиперки е околу 3,80 евра, килограм лубеница две евра, додека килограм портокали е помеѓу 0,70 и 2 евра. Праските чинат од 1,80 до 2,50 евра, а кајсиите од 2,60 до 3 евра.

(А.С.)