Израел го нападна Рафах додека повикува на евакуација од тој дел на енклавата

Израел го нападна Рафах додека повикува евакуација од тој дел на енклавата

Израелската војска изврши воздушни напади врз Рафах во понеделникот, неколку часа откако им порача на Палестинците во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат, и покрај предупредувањата од меѓународната заедница да не ја спроведе планираната копнена инвазија.

Се шири загриженоста дека се приближува израелска копнена инвазија на Рафах, град на југот на палестинската енклава каде што повеќе од милион бегалци пристигнаа од други делови на Појасот. Телевизијата Al-Aqsa, поврзана со милитантното движење Хамас, објави дека Израел го гаѓал источниот дел на Рафах, во близина на населбите што ги повика на евакуација.

Израел ги предупреди Палестинците со СМС пораки на арапски јазик, повици и летоци. Во нив се упатуваат да се преселат во „проширената хуманитарна зона“ оддалечена 20 километри. Дел од палестинските семејства се упатија кон областа во услови на силни врнежи во енклавата, пренесува Reuters.

„Врне силен дожд и не знаеме каде треба да одиме. Се плашев дека ќе дојде овој ден, сега треба да видам каде можам да го одведам моето семејство“, изјави преку СМС порака за Reuters Абу Раед, еден од бегалците во Рафах.

Хамас предупреди дека наредбата за евакуација е „опасна ескалација“ што ќе има последици.

Меѓународните организации предупредија дека наредбата за евакуација ќе предизвика уште полоша хуманитарна катастрофа во пренаселената крајбрежна енклава, во која седум месеци се одвива сеопфатната инвазија на израелската армија како одговор на незапаметениот напд на Хамас во јужен Израел ланскиот 7 октомври.

„Присилувањето на повеќе од милион палестински бегалци да се евакуираат од Рафах без безбедна дестинација не само што е незаконско, туку ќе доведе до катастрофални последици“, предупреди британската хуманитарна организација „ActionAid“.

Израелската армија соопшти дека ги повикала жителите на Рафах да се евакуираат, без да спомене дали ќе следи офанзива. Очевидци за Reuters велат дека областите што ги одреди Израел за евакуација се веќе преполни со луѓе, и дека нема повеќе места за поставување шатори.

Израел со месеци се заканува дека ќе влезе во Рафах, град за кој тврди дека има илјадници борци на Хамас и потенцијално неколку десетици заложници.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го предупреди Израел да не го спроведува својот план за копнена инвазија, додавајќи дека ЕУ и меѓународната заедница „може и мора“ да го спречат тоа сценарио.

„Израелската наредба за евакуација го претставува најлошото: повеќе војна и глад“, напиша Борел на платформата X.

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека исто така силно се противи на офанзивата.

„Франција потсетува дека присилното преместување на цивилното население е воено злосторство според меѓународното право“, се вели во соопштението.

Египет, пак, во целосна борбена готовностја стави својата војска во северен Синај, на границата со Израел и појасот Газа.