Позитивен почеток на седмицата на европските берзи

На европските берзи во понеделник во претпладневното тргување најважните берзански индекси се во плус, бидејќи пазарните учесници се надеваат дека американсакта централна банка ќе мора да размисли за намалување на каматните стапки по податоците за намалувањето на вработеноста во САД во април.

Паневропскиот индекс Stoxx 600 во првиот днеен пресек од тргувањето порасна за 0,23 отсто на 506,67 поени. Сепак, обемот на тргување е скромен, бидејќи Лондонската берза е затворена поради национален празник. Истовремено, франкфуртски DAX порасна за 0,27 отсто, на 18.049 поени, а париски CAC за 0,29 отсто, на 7.980 поени.

Меѓу најголемите индивидуални добитници беше „Volvo Cars“, раст од еден процент откако шведскиот производител на автомобили објави скок во продажбата од 27 проценти во април во споредба со претходната година, продадоа вкупно 65.838 возила, благодарение на зголемената побарувачка за електрични и хибридни возила.

Цената на акцијата на „Indra“ порасна значително, за 8,5 отсто, благодарение на скокот на профитот на шпанската одбранбена компанија за 40 отсто во првиот квартал, на 61 милион евра на крилата на растот на европската побарувачка за воена опрема.

Инвеститорите чекаат нови насоки од денешното објавување на Индексот на менаџери за набавка во клучните европски економии.

Според податоците на американското Министерство за труд, во април во САД се отворени 175.000 нови работни места, што е значително под прогнозата од 240.000, додека стапката на невработеност се зголеми од 3,8 во март на 3,9 проценти. Податоците за растот на платите исто така беа под очекувањата, што се смета за охрабрувачки знак за намалување на инфлацијата и ги поттикна шпекулациите за можно намалување на каматните стапки во САД.