Новинарските здруженија го осудија затворањето на Al Jazeerа во Израел

A general view shows the Al-Jazeera headquarter building in Doha, Qatar, May 11, 2022. REUTERS/Imad Creidi/ File Photo

Две водечки меѓународни организации кои се залагаат за слобода на печатот и изразувањето остро го осудија затворањето на панарапската катарска телевизија Al Jazeerа во Израел.

„Го осудуваме затворањето на канцелариите на Al Jazeerа во Израел и блокирањето на веб-страниците на каналот“, изјави програмскиот директор на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) Карлос Мартинез де ла Серна во Њујорк.

Додаде дека овој потег поставува исклучително алармантен преседан за ограничување на работата на меѓународните медиуми во Израел.

„Израелската влада мора да дозволи Al Jazeerа и сите меѓународни медиуми да работат слободно во Израел, особено за време на војната“, нагласи Мартинез.

„Силно ги осудуваме законите кои ја загрозуваат слободата и ја цензурираат телевизиската мрежа за известување за војната во Газа“, соопштија од француската организација Репортери без граници (Reporters sans frontières – RSF) преку платформата Х.

Израел ја обвинува Al Jazeera дека води пропаганда за исламистичкото палестинско движење Хамас, против кој Израел води војна во Појасот Газа.

Од почетокот на војната, оваа телевизиска куќа опширно известува за катастрофалната состојба во Појасот Газа и прикажува неласкави слики на смрт и уништување. Al Jazeera, исто така, редовно објавува видео снимки од нападите на вооруженото крило на Хамас врз израелските војници.