Кливленд последен учесник во второто коло на плејофот во НБА

Кошаркарите на Кливленд Кавалирс се последните учесници во второто коло од годинешниот НБА плејоф, тие како домаќини ги совладаа Орландо Меџик со 106:94 во решавачкиот седми натпревар од првото коло.

Во серијата меѓу Кавс и Меџик екипитите кои беа домаќини ги добија сите седум натпревари, а Кавалирс повторно ги предводеше Донован Мичел со 39 поени, Карис Лаверт додаде 15 влегувајќи во игра од клупата, додека Макс Страс запре на 13 коша со неколку „тројки“ во клучните моменти. На Меџик не им помогнаа 38-те поени и 16 скокови на Паоло Банкеро, бидејќи следен најблизок стрелец беше Вендел Картер со само 13 коша.

Гостите од Орландо подобро го отворија натпреварот, со неколку „тројки“ поведоа со 20:10, а пет минути пред да заминат на големата пауза имаа најголема разлика од +18 (47:29). Сепак, со неколку погодици на Лаверт и Мичел, домашните до полувремето успеаја да намалат на 53:43.

Кливленд со подобар старт во продолжението успеа да израмни на 64:64, а набрзо потоа ја презеде контролата на резултатот и пред последните 12 минути дојде до предност од осум поени (76:68). Набргу потоа разликата се искачи на двоцифрена, а беше јасно дека младиот тим од Орландо не може да се врати во игра.

Кливленд во второто коло за противни ќе го има најдобриот тим во лигата во регуларниот дел од сезоната Бостон Селтикс.