Исмаил Ханије/Фото: Принтскрин - Јутуб

Палестинскиот лидер на Хамас Исмаил Ханије денеска го обвини Израел дека ги саботира напорите на посредниците за постигнување примирје во Појасот Газа и размена на заложници за Палестинците кои се наоѓаат во израелските затвори.

Ханије во изјавата рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака „да измислува постојани оправдувања за продолжување на агресијата, продолжување на конфликтот и да ги саботира напорите на различни посредници и различни страни“, пренесе Бета.

Тој рече дека Хамас е подготвен да постигне сеопфатен прекин на огнот што ќе стави крај на израелската агресија и ќе гарантира повлекување на Израел од Газа.

Премиерот на Израел претходно денеска најави дека неговата земја нема да прифати целосен крај на војната и повлекување на армијата од Појасот Газа.

Израелскиот лидер додаде дека Израел нема да ги прифати барањата на Хамас кои според него претставуваат предавање и ќе продолжи да се бори додека не се постигнат неговите цели.

Делегацијата на палестинското милитантно движење Хамас вечерва ќе го напушти Каиро, каде во присуство на посредници од САД, Египет и Катар се одржаа преговори за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.

Делегацијата го доставила својот одговор до египетските и катарските посредници и сега се враќа во Доха на дополнителни консултации, соопшти Хамас, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Во исто време, неименуван функционер изјави дека директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Брнс, итно ќе отпатува во Доха на разговори со премиерот на Катар, Мохамед Ал-Тани, додека преговорите за ослободување од заложниците се „на работ на колапс“, според „Тајмс оф Израел“.

Порталот јавува дека ќе разговараат и за привремено примирје.

– Брнс е на пат за Доха на итен состанок со катарскиот премиер, со цел да се изврши максимален притисок врз Израел и Хамас да продолжат со преговорите – рекол изворот.

Катар соопшти дека нема да прифати да врши притисок врз ниту една страна и оти е посветен на улогата на чесен посредник во разговорите меѓу палестинскиот Хамас и Израел, изјавија денеска дипломатски извори за Ал Џезира Арабик.

Изворите велат дека Катар не сака да се наметнува на ниту една страна, дека нема да презема никакви посреднички дејствија доколку тоа не биде побарано и нема да дозволи ниту една страна да влијае на интегритетот на улогата што ја игра.

Неименуваните дипломати рекле дека катарските посредници се вознемирени бидејќи „одредени страни работеле на критикување на катарскиот тим, на притисок и нивно претворање во алатка за вршење притисок врз едната страна, што Катар никогаш не го направил“.