Фото: Архива/„Нова Македонија“

Бегалецот од штипскиот затвор Агим Красниќи е меѓу четворица македонски државјани уапсени вчера во Урошевац, на Косово, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на сопствени информации. МИА и порталот „360 степени“ информираат дека Министерството за внатрешни работи (МВР) добило известување за апсењето од страна на косовските колеги.

Според информациите од косовската полиција, еден од уапсените бил баран со меѓународна потерница, додека останатите тројца учествувале во тепачка и пукање во Урошевац, во октомври минатата година. Медиумите во земјава јавуваат дека станува збор за Агим Красниќи, неговиот брат Бесим Красниќи, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи кои се уапсени во Урошевац. За нив се распишани меѓународни потерници од страна на македонската полиција.

Красниќи и неговата седумчлена кондовска група беа уапсени во 2008 година за нерегуларности и за предизвикување неправилности на тогашните парламентарни избори, неовластено поседување оружје и злосторничко здружување. Кондовската група доби затворска казна од вкупно 50 години.

Красниќи е осуден на 15 години затвор во 2008 година. Тој во 2020 година избега од штипскиот затвор за време на слободен викенд, по речиси 12 години поминати зад решетки. Му остануваат уште три години и три месеци до отслужување на казната.

Основниот суд во Урошевац денеска соопшти дека му изрекол мерка притвор во траење од 40 дена на македонски државјанин, кој е уапсен од косовската полиција на 3 мај, врз основа на меѓународна потерница, издадена на барање на Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на судот во Урошевац, против лицето, идентификувано со иницијалите Б.К., е покрената потерница од Интерпол, поради сомневање дека е сторител на кривични дела „подготовка на терористички дела и разбојништво“.

– Против обвинетиот е распишана меѓународна потерница од Интерпол, со барања од 2 април 2005 година и 9 мај 2008 година од државата Северна Македонија. Обвинетиот Б.К. е осомничен дека ги сторил казнените дела во државата Северна Македонија и на 3.5.2024 година е приведен и уапсен од Единицата за брзи интервенции и Единицата за борба против наркотици во Урошевац – се вели во соопштението.

Во него се наведува дека странките се известени оти жалбата против ова решение не го одлага неговото извршување.