Македонија
5. May 2024 - 16:53

Политичарите испратија пораки за мир и спокој на Велигден

Делегации од Владата, опозицијата, Град Скопје, меѓу нив најголем дел кандидати за пратеници на претстојните избори, како и кандидатката за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова ја следеа воскресната литургија во Соборниот Храм со која чиноначалствуваше архиепиското охридски и македонски, Г.г. Стефан. По литургијата испратија пораки за мир и спокој до православните верници.

Честитки за најголемиот христијански празник упати и државниот врв. Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски вели дека Велгиден не потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други.

- Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен, вели Пендаровски.

Техничкиот премиер, Талат Џафери вели дека велигденската порака за победа на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност.

- Затоа, овој нај радосен празник во христијанството, симбол на надежта, пожелувам да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија, вели Џафери.

Првиот човек на Собранието, Јован Митревски, пак, порача да си пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов.

- Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, вели Митрески.

Претседателот на СДСМ Ковачевски повика на хармонија и на обединување на општеството. 

- На овој најголем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон добри дела и иднина. Денешниот празник ја симболизира победата на животот над смртта, тоа е силна порака дека храбрите одлуки секогаш носат успех, особено кога се работи за заедничкото добро, вели Ковачевски.

Освен Џафери од улога на технички премиер, ниту еден лидер на албанските партии не го честиташе најголемиот христијански празник Велигден.