Македонија
5. May 2024 - 16:54

Ден на македонскиот јазик

“Јазикот е единствената наша татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски- ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.”- ќе каже еден најзначајните личности за современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески. 

5 Мај веќе петта година по ред, се одбележува како ден на македонскиот јазик, откако беше усвоен на владина седница во 2019 година во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Негиран и оспоруван- беа двете најчесто слушани придавки за македонскиот јазик изминатиов период. Но каде се наоѓа македонскиот јазик денеска?

На добар пат во ЕУ и Обединетите нации, смета професорот по македонски јазик, Људмил Спасов.

Никој не може да оспори јазик кој се говори и живее, вели професорката Елка Јачева Улчар. Македонскиот јазик, единствено може да биде загрозен поради се поголемото иселување на младите од Македонија. 

Со честитки за Денот на македонскиот јазик и државниот врв и политичките партии. 

Македонскиот јазик се чува и негува, и е на исто рамниште со другите земји во Европската Унија. 

Ирационалните негации на нашиот јазик се беспредметни, се додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, стои во дел од пораките на политичарите за Денот на македонскиот јазик.