Oвации во Тирана на претставата „Диво месо“ од Горан Стефановски на Албанскиот театар од Скопје

Вчеравечер, Албанскиот театар од Скопје на покана од македонскиот Културно – нформативен центар во Тирана ја изведе претставата „Диво месо“ од Горан Стефановски во режија на Мартин Кочовски.

Текстот „Диво месо“ од Горан Стефановски, беше напишан и изведен далечната 1979 година. За својата драма „Диво месо“, Горан Стефановски ќе каже: „Кога ја пишував пиесата ‘Диво месо’ мислев дека таа се однесува на минатото. Сега гледам дека се однесувала на иднината“.

Духот од Горан Стефановски во неговиот текст, неговата модерност и актуелност на вистински начин ја почувствува тиранската публика во театарот „АРТурбина“. Благодарение на маестралната игра на глумците од Албанскиот театар Скопје, сцените се редеа како на филм. Публиката имаше впечаток, како денес во Тирана да се случиле настаните од пиесата. Час и половина, публиката со големо внимание и во потполна тишина го следеше секој збор од текстот и актерската игра на нашите глумци.

На крајот, глумците беа наградени со огромен и долг аплауз.

По претставата екипата од Скопје, заедно со своите колеги од тиранските театри беа во посета на македонскиот Културно -информативен центар, каде до доцна во ноќта се разговараше за претставата и текстот на Горан Стефановски, информираа од Министерството за култура.