Начинот на кој ДУИ и СДСМ сакаат да ја добијат поддршката од граѓаните не е преку програма туку со притисоци и закани

„Начинот на кој тие се обидуваат да ги добијат симпатиите кај гласачите не е поради тоа што имаат политичка програма што ја нудат или начинот на кој артикулираат кон гласачите, туку едноставно тоа е притисок и состојба во која сите тие заедно покажуваат една позиција што не е во склад на демократијата“, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Додаде дека во првиот круг на претседателски избори можеше да се забележи дека имаше гласање што траеше помалку од една минута, а тоа е невозможно. Тој посочи дека на тие избирачки места ВМРО-ДПМНЕ има набљудувачи, но тоа што го следеа е навистина катастрофално.

„Ние затоа и ги повикавме институциите, ги повикавме и меѓународните набљудувачи да излезат на терен и ги потенциравме буквално сите оние избирачки места каде што имаме таков тип на девијантно однесување“, укажа тој.

Појасни дека станува збор за општините Сарај, Липково, Арачиново.

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прави влада со ДУИ и запраша како да прави коалиција со луѓе кои што на насилен начин се обидуваат да ја освојат волјата на граѓаните.

Се осврна на писмото на вицепремиерот Битиќи што го испратил до одредени лица велејќи им да гласаат за него.

„Денеска имаме писмо што го испраќа вицепремиер на Влада, каде што вели, луѓе, јас како вицепремиер се заложив вие да добиете некаков начин на добивка и во име на тоа барам од вас да вие го дадете вашиот глас за мене“, појасни Мицкоски додавајќи дека обвинителството се уште молчи за овој случај.