Мицкоски обвинува, Османи негира – дали се полнеле гласачките кутии во првиот изборен круг!?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Двете опозициски коалиции, од албанскиот и македонскиот блок, ги обвинуваат ДУИ и Европскиот фронт дека полнеле избирачки кутии во првиот круг од претседателските избори. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека испратиле список со избирачки места до ОБСЕ/ОДИХР каде се сомневаат дека кутиите биле полнети и каде не работеле уредите за идентификација. Побара да се зголеми присуството на полицијата на тие избирачки места, а ги наведе како сомнителни општините Сарај, Липково, и Арачиново.

Но, за Бујар Османи од Европскиот фронт, овие ставови на Мицкоски се за Албанците, а не за ДУИ. Тој негира дека ДУИ и Европскиот фронт направиле такво нешто.

„Ова почна, првично господинот Мицкоски рече дека во Бутел во еден стан се собира оружје. Ова е дел од тој еуфемистички национализам, да кажеме дека Албанците крадат гласови, Албанците се корумпираните, но ние ќе кажеме ДУИ поради политичка коректност. Не постои такво нешто.“, рече Османи.

Во меѓувреме, Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ најавува дека отсега сите кои преземаат вакви дејствија, односно полнење на кутиите, ќе одговараат пред надлежните органи.

„Гледаме дека деновиве имаше одлука и од управниот суд со кој беше утврдена кражбата што се случи во Липково при што ја користам приликата да нагласам дека сите ќе одговараат пред Судот и пред надлежните органи. Ова е апел дека секој што ќе направи ваков чекор, овојпат нема да му биде простено туку ќе се соочи со правдата.“,вели Меџити.

Инаку, Управниот суд пред неколку дена ја прифати жалбата на коалицијата ВРЕДИ за нерегуларности на избирачкото место 1112/1 во Липково, за полнење на гласачки кутии. Од ВРЕДИ велат дека тоа го направил некој близок до носителот на листата во ИЕ 2 од редовите на Европскиот фронт, Садула Дураку.