Мицкоски ја повикува меѓународната заедница будно да го следи процесот поради можни изборни нерегуларности

-Ако ме прашувате за изборните нерегуларности кои беа случај во првиот изборен круг, а за што причина беше Демократската унија за интеграција, јас очекувам такво нешто да се случи и во вториот круг. Ние до претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места каде во определен временски интервал, гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму има бројни нерегуларности. Да бидам попрецизен, полнење на кутии на тие избирачки места, чудно, но вистинито, фингер принт, терминалите за отчитување на отисок од прстот, не работеле во тој период, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан дали очекува ДУИ повторно во вториот круг претседателски и прв парламентарни избори да прави изборни нерегуларности.

Додаде дека очекува нешто слично да се случува и во вториот круг, но дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и дека за тоа е информирано и Министерството за внатрешни работи со цел на определените избирачки места да го зголеми бројот на безбедносните сили.

„Го информирав и Министерството за внатрешни работи да ги засили своите сили и припадниците на МВР да вршат мониторинг на процесот на гласање во тие избирачки места. Генерално, станува збор за избирачки места во скопски Сарај, Липково, Арачиново и така натаму. Македонската јавност и граѓаните, треба да знаает дека ДУИ преку своите политики не ги освојува гласачите, туку таа буквално, под притисок и со мерки и средства, недозволени во демократијата, ги добива гласовите. Слободно можете оној резултат  од првиот круг на европеецот Османи да го поделите со два и ќе ја добиете реалната поддршка на Демократската унија за интеграција која повеќе од 20 години на два начина добива гласови. Најпрвин со епската манипулација и повикување на 2001, а паралелно со тоа местење тендери, а втората е преку притисок, закани, уцени и поткуп“, рече Мицкоски.

Тој упати и повик до меѓународната заедница будно да го следи процесот и да не го факторизираат криминалот на ДУИ кои истураат огромни количини кеш пари, сакаат да бидат дел од власта за на ист начин да ги наплатат и повторно ги вратат тие количини на кеш.

„Ја повикувам и меѓународната заедница да не го факторизира криминалот на ДУИ, бидејќи тие сега истураат огромни количини кеш, ги знаеме и менувачниците каде се истураат, а потоа на тој начин сакаат да бидат дел од  владата за да наплатат и повторно да ги вратат тие количини на кеш. Уште еднаш апелирам и до меѓународната заедница будно да го следи процесот, бидејќи ова што се случува изминативе денови и што очекуваме да се случува во следниве денови, ги поминува, условите во определени места да одржување избори во многу понеискусни демократии од македонската. Навистина ова што се случува е катастрофално за демократијата. Високи функционери, дури и членови на владата го прават ова придружувани од припадници на МВР кои се легитимираат кога ќе бидат фатени еклатантно, односно во процесот кога се случуваат притисоци и поткупи“, истакна Мицкоски.