Промена на рутата: Брод за крстосување ја откажа посетата на Санторини поради премногу гужва

165

Еден од најголемите бродови за крстосување „Сан принцес“ на компанијата Princess cruises, го откажа пловењето за Санторини оваа година.

Од компанијата наведуваат дека гостите кои ги резервирале своите места на овој брод се информирани за промената на рутата и дека нема да го посетат Санторини, како што првично беше планирано, објави „Катимерини“, пренесува Танјуг.

„Ве молиме имајте предвид дека има промена во нашата планирана маршрута. Поради големиот број на бродови за крстосување, повеќе нема да го посетуваме Санторини, Грција. Се извинуваме за непријатностите и разочарувањето што оваа промена може да ги предизвика“, се наведува во пораката на компанијата.

Наместо островот Санторини, бродот ќе ја посети Ханија на Крит.

Како причина се наведува големиот број на бродови за крстосување, што би довело до помалку пријатно искуство за гостите.

„Сан принцес“ првично требаше да го посети Санторини на 11 јуни.

На тој датум е предвидено да се приклучат уште четири бродови – „Star Clippers“, „Costa Fascinosa“, „MSC Divine“ и „Odyssey of the Seas“.

Во комбинација со капацитетот за 4.300 гости на бродот за крстосување Sun Princess, ова може да значи дека повеќе од 17.000 патници ќе го посетат островот во еден ден, додека Санторини има население од околу 15.500.

Од компанијата наведуваат дека истиот ден во Хања се очекува и бродот за крстосување „Потера Азамара“, што значи дека заедницата од 111.000 жители ќе има вкупно околу 5.000 гости со пристигнувањето на крузерот „Сан принцес“.