Канадската полиција обвини тројца мажи за убиството на водачот на Сиките

Канадската полиција соопшти дека уапсила и обвинила тројца индиски државјани за убиството на лидерот на сепаратистите на Сиките, 45-годишниот Хардип Синг Ниџар во јуни 2023 година и ги истражува можните врски со индиската влада.

Ниџар беше убиен пред храмот на Сиките во Сари, предградие на Ванкувер во кое живее голема заедница на Сиките. Канадскиот премиер Џастин Трудо презентираше докази за вмешаноста на индиската влада во убиството, што предизвика дипломатска криза со Њу Делхи.

Помошникот на канадскиот полициски комесар Дејвид Тебул рече во петокот дека случајот останува под истрага и дека други истраги се во тек. Меѓу нив е и „истрага за врски со индиската влада“, рече тој на прес-конференција.

Ниџар беше канадски државјанин кој се залагаше за создавање на Калистан, независна држава на Сиките на територијата на Индија. Присуството на сепаратистичките групи на Сиките во Канада долго време предизвикува фрустрации во Њу Делхи, а Ниџар беше прогласен за „терорист“.

Минатата седмица Белата куќа изрази загриженост за наводната улога на индиското разузнавање во заговорите за атентати во Канада и во САД.