Најмалку 39 жртви и 70 исчезнати во невремето во јужен Бразил

Обилните дождови во најјужниот бразилски регион Рио Гранде до Сул оставија зад себе најмалку 39 мртви, а повеќе од 70 луѓе се пријавени за исчезнати, соопштија локалните власти, а се сомнева дека бројот на загинати е поголем.

Најмалку 23.000 луѓе се раселени во регионот, кој се граничи со Уругвај и Аргентина, и каде, според цивилната одбрана на бразилската сојузна држава Рио Гранде до Сул, речиси половина од 497 градови беа погодени од невремето.

Во неколку градови, улици претворени во реки, патишта и мостови се уништени, а невремето предизвика лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала.

Друга брана во градот Бенто Гонкалвеш, исто такам е во опасност од уривање, соопштија властите, наредувајќи им на луѓето што живеат во близина да се евакуираат.

Со оглед на тоа што овој бразилски регион географски се наоѓа помеѓу тропската и поларната атмосфера, ова создаде временска шема со периоди на интензивен дожд и периоди на суша, кои, според локалните научници, ќе се интензивираат поради климатските промени.

Обилни дождови го погодија и Рио Гранде до Сул минатиот септември, кога вонтропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва отпатува во тој дел од земјата во четвртокот за да ги обиколи погодените области и да разговара за напорите за спасување.