ПОВЕЌЕ

    Здравството ќе се реформира според потребите, не според желбите – д-р Ристо Симеонов во „Каде се парите?“

    Време зa читање: 5 минути

    Треба еднаш засекогаш да ги поставиме здравите темели на здравството. Пред сѐ, мора да се врати довербата во здравствениот систем. Процесот ќе биде долгорочен и болен, но реформите мора да се направат според потребите, а не според желбите. Затоа што политичката припадност не е професија, партиската книшка не е личен документ, балансерот не е критериум за работа, дециден е реномираниот детски хирург Ристо Симеонов, кој за болестите на македонскиот здравствен систем – корупција, неефикасност и отсуство на одговорност, како и за хируршките зафати неоподни во неговото лекување, зборува во поткастот „Каде се парите?“.

    Како клучна реформа ја посочува регионализацијата, која мора да се спроведе час поскоро и да ја продолжи секој нареден министер. Значаен аспект е и дигитализацијата. Вели, и листите на чекање треба да се дел од интегриран информатички здравствен систем.

    „Сега, листите на чекање, во принцип, се во тефтерот на докторот. Ќе ги земе вашите податоци, па ќе ви се јават кога да дојдете за операција. Листите на чекање треба да се транспарентни, видливи. Секој пациент има право во системот да провери кај кој доктор колку е долга листата на чекање и во која болница. Во Словенија, премиерот тогашен, Јанез Јанша, не оперираше кила во Клиничкиот центар во Љубљана, затоа што беше долга листата на чекање. Се оперираше во Марибор, каде што беше листата пократка. Системот се сведува на регионализација. Мора да постојат повеќе болници кои ќе даваат здравствени услуги на секундарно и терцијарно ниво. Не може сите операции да се прават во Скопје. Регионализацијата е клучна реформа која мора да се спроведе час поскоро и да ја продолжи секој нареден министер“.

    Симеонов верува дека системот на регионализација ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги:

    „Секој министер со своја визија, меѓутоа искуството покажало дека плаќаме пенали од визиите на сите претходни министри. За неизградба на нов клинички во комплексот ‘Мајка Тереза’ платени се 18 милиони евра пенали, затоа што е поништен договорот со фирмата што требаше да го гради. Следниот министер имаше визија да прави нов клинички центар на периферија од Скопје. Ништо од тоа. Сѐ што е функционално треба да остане. Имаме голема функционална инфраструктура, само треба да се направи мапирање – каде има потреба од здравствени услуги. Не е функционален Клинички, затоа што 95 проценти од пациентите се лекуваат во Скопје. Кога ќе профункционира регионализацијата, може Клиничкиот центар да се поврзе со топли ходници, надземни, подземни, сето тоа може да биде функционално. Откако ќе почне да функционира регионализацијата, тогаш ќе се направи процена дали имаме потреба од друг или нов клинички центар“.

    Исто така, смета дека конечно треба да се ревидира позитивната листа на лекови, која не е отворена цели 15 години.

    „Треба да има нови современи лекарства на таа позитивна листа. Треба да се укине партиципацијата за лековите од позитивната листа. Моментално, антикоагулантната терапија пациентите ја купуваат, па потоа со фискална сметка и со куп документи одат во Фондот да рефундираат средства. Зошто тие лекарства да не бидат на позитивна листа и пациентите да не си ги подигнат од аптека? Секој лек што ќе биде на позитивна листа треба да е бесплатен“, вели докторот и појаснува дека логиката со партиципацијата е во 440 милиони денари годишно, или нешто повеќе од седум милиони евра што ги плаќаат граѓаните.

    „ВМРО-ДПМНЕ ќе ја укине партиципацијата за лекови на позитивна листа и секоја година на таа листа ќе има нови современи лекови. Имаме најскапи лекарства во регионот, а сме најсиромашна држава. Проблем во здравството се корупцијата, неефикасноста и отсуството на одговорност“, е дијагнозата на доктор Симеонов, кој решението го гледа во хируршките резови. „Ако не се направи рез во здравствениот систем, а тоа го бараат граѓаните, ние нема да покажеме сериозност дека нешто сакаме да смениме“. Симеонов тврди, има многу чесни и работливи здравствени работници, а корупцијата и криминалот се во одредени структури, кои треба соодветно да се санкционираат.

    „Раководството на партијата е спремно да спроведе сериозни реформи во интерес на граѓаните, на пациентите, во интерес на здравствените работници. Мора да ја вратиме довербата во здравствениот систем. Триесет и четири години не е направен исчекор. Треба еднаш засекогаш да ги поставиме здравите темели на здравството. Доволно е политика во здравството, доволно е партиска книшка, доволно е балансер при вработување. Политичката припадност не е професија, партиската книшка не е личен документ, балансерот за да се запази одреден процент на националност не е критериум за работа. Реков претходно, како ментор-едукатор точно знам кои се вашите вредности, квалитети, до каде може да стигнете и точно знам каде треба да бида вашата позиција во здравствениот систем. Само со соодветна едукација може да постигнеме квалитет во здравството. Времето на желби треба да е минато, доаѓа времето на потреби“, дециден е Симеонов.

    На јавното му недостигаат брзината и ефикасноста од приватното здравство.

    „Дваесет години бев во јавно здравство. Таму се научив на многу вредности, го достигнав врвот во јавното здравство. Направив кариера. Прва трансплантација на бубрег кај дете во јавното здравство, многу нови техники, методи хируршки. Прв почнав со лапараскопија во детската хрургија и во инванзивната хирургија. Сум бил дел од многу функционални здравствени системи, работев во странство… Одлуката за приватно здравство е затоа што секогаш тежнеам кон ново. Приватното здравство е функционален здравствен систем, сѐ е на едно место. Услугата е брза и ефикасна. Тоа е можно и во јавното здравство, меѓутоа, тоа е прашање на организација и менаџмент“, зборува во „Каде се парите?“ познатиот специјалист по детска хирургија, Ристо Симеонов.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично