Сопствениците на Сиксерс купија 2.000 влезници за да го спречат доаѓањето на навивачите на Никс

Сегашните и поранешните сопственици на американскиот професионален НБА кошаркарски тим Филаделфија 76ерс купија 2.000 влезници за шестиот натпревар од првото коло на овогодинешниот плејоф во кој Сиксерс ќе бидат домаќини на Њујорк Никс ноќта меѓу четврток кон петок со намера да ги спречат гостинските навивачи да дојдат на натпреварот.

По поразот од 92:97 во последниот натпревар на домашен терен, ѕвездата на Сиксерс, Џоел Ембиид јавно го изрази своето незадоволство поради фактот што многу навивачи на Никс, со нивната гласна поддршка во „Велс Фарго центарот“ на крајот од натпреварот му помогнаа на својот тим да оствари пресврт и победа која го доведе тимот од Њујорк до водство 3-1 во серијата која се игра до четири победи.

„Разочарувачки. Ги сакам нашите навивачи, со ова не ги прозивам, но ова е многи непријатно. Разбирам дека има многу навивачи на Никс кои живеат во близина“, изјави Ембиид.

Сиксерс пред два дена успеаја да слават во петтиот натпревар одигран во Њујорк со 112:106 по продолжението и со тоа да го намалат резултатот во серијата на 3-2, а сега ги чека уште еден елиминациски натпревар, овојпат на домашниот паркет, пред кој поранешниот малцински сопственик, Мајкл Рубин и сегашните сопственици Џош Харис, Дејвид Блицер и Дејвид Аделман, одлучија да купат повеќе од 2.000 билети за да ги поделат на навивачите кои први ќе се пријават

„Апсолутно НЕ СМЕЕМЕ да им дозволиме на навивачите на Никс повторно да ја окупираат нашата арена!!!“, објави Рубин на социјалната мрежа Х, а Сиксерс на својот официјален профил на Instagram објавија снимка делењето на влезниците на навивачите на улица.