Израелскиот врв загрижен за евентуално дејствување на Меѓународниот кривичен суд


Израелските власти сѐ повеќе се загрижени дека највисокиот кривичен суд на Обединетите нации планира да бара налози за апсење на највисоките воени и политички челници на земјата поради сомневање за сторени воени злосторства во војната во Појасот Газа, објави во четвртокот BBC.

Извештаите сугерираат дека меѓу истражуваните и гонети израелски политичари би можел да се најде и премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) во последните три години ги истражува дејсвтвата на Израел на окупираните територии Западниот брег (на реката Јордан) и Источен Ерусалим, а од неодамна и активносите на палестинското милитантно движење Хамас. Меѓународниот кривичен суд има овластување да обвини и суди поединци за најтешките злосторства според меѓународното право.

Судот веќе издаде налози за апсење на неколку челници, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, либискиот Моамер Гадафи и воениот лидер на Уганда, Џозеф Кони.

Нетанјаху ја нарече можноста високите израелски функционери да бидат наведени како „скандал од историски размери“, обвинувајќи го Меѓунаордниот кривечн суд дека се обидува да го попречи Израел во негова одбрана.

Ваквиот остар коментар, а и од самиот премиер, сугерира дека за ова сценарио активно се разговара зад сцената, смета BBC.

Иако Меѓународниот кривичен суд не ги потврди тврдењата на Израел, кога главниот обвинител Карим Кан минатиот декември ги посети Израел и окупираниот Западен брег, тој испрати јасна порака.

„Сите актери мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. Ако не го правите тоа, не се жалете кога мојата канцеларија треба да дејствува“, објасни Кан во тогашната изјава.