Силјановска Давкова и Пендаровски во недоразбирање за дуелот на МТВ, се огласи и јавниот сервис

421

Гордана Силјановска-Давкова, кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ најави за вечерва дебата со Стево Пендаровски на МТВ за 20:15 часот. Но, таа на дебатата беше сама.

„Вчудоневидувачки е како во назјанчајната претседателска дебата пред националнот сервис, Македонската телевизија, ќе дебатирам со празно столче. Не разбирам зошто мојот противкандидат Стево Пендаровски им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови“, напиша Силјановска-Давкова.

Се огласи и тимот на Пендаровски и демантираше дека имало закажана дебата на МТВ.

„После јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со „празно столче“ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, се огласи актуелниот претседател Стево Пендаровски на социјалната мрежа Х.

„Инаку, терминот за дебатата на МТВ никогаш не беше договорен меѓу двата кандидати. Дебатата во понеделник на 6ти мај, на телевизија Канал 5, е последна која е потврдена од двете страни.

И покрај ниските морални и етички стандарди кои ги поставија до сега во кампањата, ова е ново дно кое ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова го достигнаа, што може да ги изненади само оние кои не го познаваат начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска кандидатка“ порача Пендаровски.

Силјановска Давкова претходно објави фотографија од неа и водителот на дуелот, но без нејзиниот противник, актуелниот претседател.

И МТВ се огласи во врска со несогласувањата околу дебатата меѓу двајцата претседателски кандидати.

„Вечерва во 20:15 на Македонската телевизија наместо дуел меѓу двајцата претенденти за шеф на државата, ќе има интервју само со кандидатката за претседател, Гордна Силјановска Давкова. Нејзиниот опонент Стево Пендаровски не дојде да ги соочи ставовите во дебатата на јавниот сервис.

Македонската телевизија, на 26 април 2024 година, упати покани за предизборно соочување до кабинетитена кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседтелските избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

Јавниот сеервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник).

Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател.

Од тимот на Гордана Силјановска Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај-четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин.

Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му организираат агендата и дека не можат да успеат. Во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк.

После сето ова, Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ“, соопштија од МТВ.