Претседателската дебата на МТВ ги скара кандидатите на социјалните мрежи. Кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, објави дека ќе дебатира со празно столче на третата претседателска дебата на МТВ, на што нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски и реагираше дека терминот за дебатата на МТВ никогаш не бил договорен.

Сиљановска-Давкова, на социјалните мрежи, објави фотографија на која е сама во студиото на МТВ, како најава за како што пишува „третата претседателска дебата“, по што Пендаровски, во објава на Фејсбук и одговори дека „единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со „празно столче“.

– После јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со „празно столче“ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, терминот за дебатата на МТВ никогаш не беше договорен меѓу двата кандидати. Дебатата во понеделник на 6 мај, на телевизија Канал 5, е последна која е потврдена од двете страни – објави Пендаровски на Фејсбук.

Претходно, Давкова на социјалната мрежа X, објави дека ќе дебатира со празно столче на МТВ.

– Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче. Не разбирам зошто мојот противкандидат (@SPendarovski) им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови – напиша Давкова.