„Уништувањето на имот е вандализам“: Бајден остро ги критикуваше протестите на универзитетските кампуси низ САД

276

Американскиот претседател Џозеф Бајден, ги осуди антиизраелските протести за кои вели дека предизвикуваат хаос во универзитетските кампуси низ Америка.

– Имаат право на протест, но не и право на предизвикување хаос – рече Бајден.

– Уништувањето имот не е мирен протест – тоа е спротивно на законот. Вандализам, упад, кршење прозорци, затворање кампуси, принудување на откажување на наставата и дипломирањето – ништо од ова не е мирен протест – додаде американскиот претседател.

Тој посочи дека на ниту еден кампус не треба да има место за антисемитизам или закани за насилство врз еврејските студенти.

Тој додаде дека во Америка се почитува правото на слободно изразување на мислење, но дека „тоа треба да се направи без насилство, без уништување, без омраза и во рамките на законот“.

– Не правете грешка, како претседател секогаш ќе ја бранам слободата на говорот, но секогаш ќе бидам исто толку силен во залагањето за владеење на правото – нагласи Бајден.

На прашањето на новинарите дали демонстрациите го натерале да преиспита некоја од неговите политики во однос на Блискиот Исток, Бајден одговори кратко: „Не“.