Стојаноска: Мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и сплотени да и го зададеме последниот удар на оваа криминална власт

by Fokus

„Подолго време наназад, уште пред почетокот на кампањата, се чувствува огромна позитивна енергија која на 24 април се излеа на гласачките места. И вечерва тука, ја чувствувам истата, многу посилно. Можам да кажам дека, заедно со вас, правиме револуција со пенкало. Оваа енергија нека го достигне својот врв на 8 мај. Мора да почнеме поинаку да функционираме и да не молчиме пред неправдите. Мора да се обелоденуваат сите криминали и скандали. Мора да бидеме гласни, за да не станеме невидливи. Криминалот е тој кој треба да биде замолчен. Доста е! Стигнавме до се’ поизвесната победа. Победа врз најкриминалната власт досега. Им благодарам на сите кои ни се приклучија, ни се приклучуваат и допрва ќе ни се придружат. Не смее да дозволиме малцинство од криминалци да владее со мнозинството. Мафијата стана синоним за ДУИ и за СДСМ. Мафијата царува, додека народот пати“, кажа носителот на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ6, Дафина Стојаноска и додаде:

Време е да ставиме крај на ова! Не дозволувајте да ве платат или заплашат. Ако ви нудат пари – тоа се ваши пари. Ако ви нудат многу пари – и тоа се ваши пари. Ако ви се закануваат – знајте дека после 8 мај ќе бидете заштитени од новата Влада која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Затоа велам: сега или никогаш! Време е за победа над мафијата. Не им се плашете – казнете ги. Не бојкотирајте – реагирајте! Излезете масовно на гласање и да не дозволиме сценарија за некаква си политичка или финансиска криза. ДУИ и СДСМ најдобро „пливаат“ во време на кризи, додека народот го оставаат да се прпелка на суво. Не’ опљачкаа, не’ понижија и не’ изрезилија насекаде. Поставуваат замки кои, после поразот, треба да ги угушат промените кои народот со душа ги очекува.

Стојаноска повика мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да и го зададат последниот удар на оваа власт.

„Да го казниме Али! Да го казниме Артан Груби! Таче од поодамна е веќе небитен. Мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да и’ го зададеме последниот удар на оваа криминална власт. Прво, ајде сите заедно да гласаме за професорката Гордана Силјановска Давкова, најумната и најдостојната Македонка во моментов, и да бидеме горди со нејзините и нашите успеси, а не – „како до сега“ – со поразителниот лик на Водно кој го изгуби тлото под нозете, кој не’ нарекуваше стока, кој го направи Гоце Бугарин и кој помилува криминалци кои ги трујат нашите деца со дрога“, рече Стојаноска и додаде:

За парламентарните избори, јавно ве повикувам да гласате за бројот 2, за Миле, Дејан, Анета, Ердоган и за мене. Ние сме тие кои стоиме пред вас денес и ви ветуваме дека бројот 2 е за двојна победа над двојното криминално дуо. Бројот 2 е за 4 гласни и борбени пратеници. Пратеници кои никогаш нема да ве изневерат. Излезете на 8 мај и гласајте. Излезете и не го губете гласот за листите кои немаат доволно гласови за пратеник. Изгубените гласови во 6-та изборна единица помагаат исклучиво за пратеник повеќе од ДУИ. Да го испратиме Али во пензија. Доста му беше! Доста му беше уценување и заканување. Али, Груби, Заев и Таче веќе не смеат да ни се повторат. Вие, народот, ја имате историската улога и одлука овој пат. Ние и никој друг! Сега или никогаш!

Стојаноска го повика народот за поддршка на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.

„Гласајте за професорката Силјановска Давкова и за листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Само овие луѓе носат промени. Само овие луѓе можат да ја направат Македонија твоја и горда. Бидете учесници во историската победа над криминалот и корупцијата, и да си ја вратиме Македонија во рацете на луѓето. Да бидеме пример и надеж за младите. Да бидеме храбри и одлучни, какви што се тие, и да им ја обезбедиме иднината тука – во Македонија, ослободена од канџите на мафијашите од ДУИ и СДСМ. Нивниот крај е наш заеднички почеток. Почеток за горда Македонија. Почеток за твоја Македонија. Промените се во твои раце. Број 2 – за двоен пораз над криминалот. Број 2 – за двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“ и Гордана Силјановска Давкова“, кажа Стојаноска.

Поврзани новости