EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Навивачите на Ред Бул деновиве одново беа потресени од веста дека Адријан Њуи го напушта тимот по 19 години, а тоа ги подгреа шпекулациите дека тој би можел да се пресели во редовите на Ферари.

Веќе неколку недели секогаш се шпекулираше дека Ферари со сите сили се обидува да го убеди Њуи да го напушти Ред Бул на крајот од сезоната и да се пресели во италијанскиот тим, а оваа вест шокираше многумина.

Њуи е секако еден од најдобрите инженери кои Формула 1 некогаш ги имала, а неговата одлука навистина ги шокираше фановите на Ред Бул. Тој официјално ќе ја напушти функцијата шеф на техничкиот тим на Ред Бул, на почетокот на 2025 година, но од австрискиот тим наведуваат дека тоа не значи дека ќе го напушти овој тим, туку дека добил нова функција.

Ред Бул наведува дека Њуи ќе работи на проектот за хиперавтомобилот РБ17, кој ќе биде претставен кон средината на оваа година. Тој ќе остане дел од другите проекти на Ред Бул до крајот на соработката, но сите се прашуваат што ќе биде по неговото заминување.

Многумина веќе на големо шпекулираат дека тој би можел да потпише за Ферари, што сигурно би било огромен удар за Ред Бул. Покрај Ферари, интерес за ангажирање на Њуи покажа и Астон Мартин, но се вели дека ја разгледува само понудата на италијанскиот тим.

  • Уште како момче сакав да бидам дизајнер на брзи автомобили. Мојот сон беше да бидам инженер во Формула 1 и имав доволно среќа да го остварам тој сон. Речиси две децении имав голема чест да играм клучна улога во напредокот на Ред Бул Рејсинг од почетоците на тимот до освојувањето на титулите, рече Њуи и додаде:
  • Сепак, чувствувам дека сега е погоден момент да ја префрлам палката на некој друг и да барам нови предизвици за себе. Во меѓувреме, последните фази од развојот на РБ17 се пред нас, а остатокот од времето ќе бидам фокусирани на тоа, истакна Њуи и со тоа ги остави сите во Ред Бул во дилема – дали ќе се пресели во лутиот ривал?!

Во Ред Бул жалат што си оди клучен човек од тимот, а навивачите се надеваат дека Њуи нема да потпише за Ферари или друг тим, бидејќи тоа би бил најтешкиот удар за нив кога е конкуренцијата во прашање.

Навивачите се плашат од таков исход, кој би бил катастрофален, особено што сега се свесни дека веќе не е невозможно Макс Верстапен да го напушти Ред Бул иако има договор до крајот на 2028 година.