Ќе формираме антикорупциски фронт, корупцијата треба да се удри силно во чело, посочи Мицкоски

-Kорупцијата за жал во Македонија има пандемиски размери. Во овие 6 ипол години достигна такви размери на ниво на пандемија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во Алсат-М.

„За жал со измените на Кривичен законик ограничен е просторот за маневар и за барање на кривично дело кое новата влада во рамки на своите истражни капацитети би можела да ги бара. Но, без да имаме борба и офанзива против криминалот и корупцијата, нешто што ние го најавуваме, а тоа е формирање на антикорупциски фронт, нема да можеме да се развиваме ниту во еден друг сегмент во општеството, ниту во економијата, образованието, здравството, буквално во ниту еден друг сегмент ако не се удри во чело корупцијата и криминалот и да нема етничка или партиска припадност“, вели Мицкоски.

Тој продолжи и додаде:

„Не може сега малку да крадете од Македонците, па малку од Албанците, малку од Турците, малку од Србите. Или сте криминалец или не сте криминалец. Јас тоа го зборувам во оваа кампања насекаде и ценам дека по мене оваа Влада на СДС и ДУИ е длабоко, длабоко во сржта криминализирана за што говорат и голем број на сведоштва на луѓе кои се жртви на таа корупција. Знаете луѓето посебно после првиот круг на 24 април се ослободуваат, доаѓаат кај мене, бараат состаноци, носат докази, кажуваат, пренесуваат сведоштва. Така што ценам дека има за што да бидат уплашени овие од власта“, дециден е Мицкоски.