По осми мај започнува трансформација на Македонија, ќе отвориме нова страница, изјави Мицкоски

-Според оваа емоција што ја чувствувам овде и емоцијата и енергијата што ја чувствувам насекаде низ Македонија значи дека на 8-ми мај ќе имаме историски резултат, подобар од оној што се случи на првиот круг на претседателски избори. Сепак 2:1 резултат во однос на освоени гласови меѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и досегашниот сега и веќе поранешен претседател, Стево Пендаровски, е нешто кое што за првпат се случува во македонската демократска историја, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Маврово Ростуше.

„Многу работи изнаслушав овие шест години откако сум претседател на партијата и многу работи како што тие ги замислиле не излегоа како што кажуваа. Можам да кажам слободно дека ништо не излезе од тоа што го кажуваа“, рече Мицкоски говорејќи дека на СДСМ прогнозите не им излегоа како што ги замислуваа.

Мицкоски додаде дека на СДСМ ништо нема да им се оствари, бидејќи граѓаните гледаат кој мисли добро на Македонија. По осми мај ќе победи Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ.

„Сепак, 183.000 гласови е нешто што испишува историја. Последниве години ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот испишува историја. Така беше и пред две и пола години на локалните избори кога за првпат една коалиција, политичка партија во независна Македонија од позиција на опозиција заедно со народот успеа да победи во мнозинството општини во Македонија и да освои мнозинство градоначалници“, потсети тој.

Тој посочи дека таа историја од локалните избори продолжи да се испишува и во првиот круг на претседателски избори и така ќе продолжи и на осми мај.

„По осми мај ќе отвориме нова страница за Македонија и ќе ја направиме Македонија онаква каква што нашите генерации сонуваа да биде. Ќе започне процесот на трансформација. Доста беа порази, понижувања и грабеж. Ќе отпочне Македонија со својот развој, да бидеме лидери во регионот, да се вратиме во првите пет во Европа“, порача Мицкоски.