Протестен марш од ДИК до МВР, „Ромите за демократија“ бараат безбедност на гласачките места

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

“Нема правда, нема мир“, “Стоп на насилството“, “Бараме заштита“, беа извиците на протестниот марш на фондацијата Ромите за демократија кој започна од ДИК а заврши пред МВР.

Селвије Мустафи Алкан, извршна директорка на Фондацијата, побара поголема заштита и засилено полициско присуство на претседателските и парламентарните избори на 8 мај, истакнувајќи дека нивните набљудувачи во Струмица на првиот круг од претседателските избори на 24 април се соочиле со неколку закани и обид за физичко насилство.

Мурат Јосинов кој е дел од тимот на Фондацијата, рече дека маршираат за безбедност на набљудувачите и слобода за гласот на Ромите.

Доан Мустафов рече дека притисоците и нападите се случиле при влегување на гласачките места. Секогаш кога сакале да поднесат забелешка во центарот за гласање, се соочиле со закани. Рече дека ваквите закани се пријавени.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски пред МВР им вети дека ќе имаат целосна полициска заштита.