ВИДЕО| Полицијата го урна пропалестинскиот камп во Калифорнија

Стотици полицајци во полна опрема се упатија кон местото на пропалестинските протести на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA) рано наутро во четвртокот, апсејќи и притворајќи неколку демонстранти, пред да ги урнат нивните шатори.

Полициската акција пред зори во UCLA е најновата точка на удар на зголемените тензии во кампусите на американските колеџи, каде протестите поради израелската војна во Газа резултираа со судири меѓу студентите и полицијата.

Додека полицијата рано утрото по локално време се движела кон кампот каде што престојувале учениците, се слушале звуци од шок бомби.

Локалната телевизиска станица KABC-TV процени дека во кампот имало меѓу 300 и 500 демонстранти, многу од нив носеле традиционални палестински шамии, а уште околу 2.000 се собрале пред барикадите во знак на поддршка на нивните колеги.

Пред да упадне во кампот, полицијата неколкупати преку разглас ги повикала демонстрантите да го напуштат просторот кој се наоѓа на централен плоштад со големина на фудбалско игралиште.

Откако полицијата со часови се групираше околу кампусот, пред зорите упадна во кампот во неколку редови и носејќи палки, додека студентите се обидуваа да го спречат нивното напредување. На фотографиите се гледа како полицијата ги урива шаторите и го отстранува кампот, додека уапсените демонстранти седат со врзани раце зад грб.

Во текот на изминатите неколку дена, студентите поставија шатори пред неколку американски универзитети, повикувајќи на итен прекин на огнот во Газа. Тие бараат и колеџите да ги прекинат врските со компаниите кои ја поддржуваат израелската влада. Администрациите на многу престижни универзитети, како њујоршкиот Колумбија, повикаа полиција да ги смири студентските протести.

Полициската акција во UCLA дојде откако полицијата во Њујорк во вторникот приведе пропалестински активисти кои окупираа зграда во Колумбија и ги отстранија шаторите поставени од студентите. Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјави дека околу 300 луѓе се приведени во Колумбија и Сити колеџот во Њујорк.