Македонија
2. May 2024 - 16:37

Мостот „Беласица“ целосно функционален

По една година мостот Беласица е целосно функционален. Градските власти процениле дека е безбедно по четирите коловозни ленти да сообраќаат секаков вид на возила. Конечно ќе се намали сообраќајната гужва на една од главните крвоточни сообраќајници во главниот град. Но, градоначалничката на Град Скопје самостојно ја донела одлуката. Фирмата која беше ангажирана од ЕСМ за пробното тестирање на мостот, не била консултирана за носење на конечната одлука.

Мостот е пуштен со сите четири траки, без мое знаење. Добро, тоа е одлука на градоначалничката. Но, вообичаено е да се почека, да се даде извештај од пробното товарење, или од најмала рака да се побара од мене, јас да го дадам тоа мислење дека мостот е во ред. Инаку, бидејќи бев на пробното товарење направени се сите девет начини на товарење, девет типови на товарење и мостот е сосема сигурен, се до поставување на цевките. Но, пред да се почне со поставување на цевките, мора да го видам извештајот за санацијата која што е правена од страна на ЕСМ, изјави инеженерот Михаил Гаревски. 

Мостот Беласица беше целосно затворен од 20. април минатата година, поточно по опожарувањето. А делумно беше отворен само по една лента во двете насоки, и тоа за лесни возила на 2. септември лани. Денеска, по една година мостот Беласица функционира со целосен капацитет.