Почина Никола, таткото на ангелот Тоше Проески

3975

КРУШЕВО ЌЕ ГО ПАМЕТИ КАКО ГОЛЕМ ДОБАР ЧОВЕК!

Денес во Крушево, токму на Велики Четврток, почина Никола Проески, таткото на легендарниот македонски поп-пејач Тоше Проески, потврдија и пријатели на семејството, но и самото семејство. Дора, сестрата на Тоше, разбирливо со голема тага се прости со емотивни зборови од својот татко, кој инаку подолго време беше тешко болен. Последниве неколку месеци, Никола се лекувал во една приватна болница во Скопје.

Сите оние кои со години ја следеле кариерата на Тоше, добро се сеќаваат дека неговиот татко многу често присуствувал на концертите на својот син. Беше горд и среќен, бидејќи покрај себе имаше таков син кој го сакаше целата поранешна Југославија. Но, Никола Проески, после трагичната смрт на поп-ѕвездата, заедно со својата  сопруга Домника, мајката на Тоше, се повлече од јавноста и од медиумите, не сакајќи да даваат изјави, туку живееја со својата тага, далеку од очите на фановите на Тоше, а кои постојано го посетуваат гробот на нивниот син.

Да се потсетиме дека,Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа рано наутро, на 16 октомври во 2007 кај Нова Градишка. Неговиот внук, Кристијан Ристески, кој е исто така музичар сними неколку песни, а во 2008 излезе и дуетот на Кристијан со Тоше, „Мое малечко“ (My Little One).  Во стравотната несреќа останаа живи возачот на џипот и менаџерката Љиљана Петровиќ. Тогаш целата екс Југославија безрезервно тагуваше по ангелот од Крушево.   Д.М.