Јаз во економскиот раст на САД и Европа, Индија на чело

Глобалната економија покажува отпорност во опкружувањето на зголемени трошоци за задолжување, но растот и натаму е скромен, со добри резултати во САД и послабо темпо на активност особено во Европа, објавиво четвртокот Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Светската економија годинава повторно ќе порасне за 3,1 отсто, прогнозира ОЕЦД, со што благо ја зголеми претходната проценка. Речиси иста стапка на раст се предвидува и за 2025 година, од 3,2 отсто, што е исто така повисоко за 0,1 процентен поен од претходните проценки.

Прогнозираното темпо на раст во оваа и следната година е пониско отколку во деценијата пред светската финансиска криза, но е блиску до проценетиот потенцијален раст и во развиените и во економиите во развој, забележуваат тие.

Индикациите сигнализираат подобрена перспектива за светската економија, но растот е сè уште скромен, посочуваат тие, посочувајќи на зголемените трошоци за задолжување кои влијаат на економската активност првенствено преку кредитниот и недвижниот сектор.

Инфлацијата се намалува со побрзо темпо од очекуваното, а подобрена е и трговијата, па реалните приходи растат, додаваат тие.

„Темпото на активност сè уште варира во голема мера од земја во земја, со послаби резултати во многу развиени економии, особено во Европа, компензирани со силниот раст во САД и многу економии во развој“, се додава.

Олеснувањето на инфлацијата треба да им отвори простор на централните банки да ги намалат каматните стапки во втората половина од годината, забележува ОЕЦД.

Според нивните проценки, индиската економија би требало да порасне најсилно годинава, за 6,6 отсто. Следуваат Индонезија и Кина со прогнозирани стапки на раст од 5,1 и 4,9 отсто, соодветно.

Со највисока прогнозирана стапка на раст се издвојуваат САД во групата големи развиени економии, од 2,6 отсто. Во следната година активноста би требало значително да забави, на 1,8 отсто.

Економијата на еврозоната оваа година би требало да порасне за 0,7 отсто, како одраз на темпото на раст во Италија и Франција. Во 2025 година треба да забрза активноста во зоната на примена на заедничката европска валута, според предвидената стапка на раст од 1,5 отсто.

Германската економија годинава би требало речиси да стагнира, со прогнозирана стапка на раст од само 0,2 отсто. Во 2025 година, растот би требало значително да се забрза, на 1,1 отсто.