„Скопскиот поетски фестивал“, чие четврто издание ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни, и годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси.
‒ Продолжуваме со поддршката за младите поети, за тие што можеби веќе се појавиле со понекоја песна во книжевно списание, ја објавиле својата прва стихозбирка или настапиле на некое поетско читање, но и за тие што можеби и не направиле ништо од сето тоа досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати на настан подготвен само за нив! Како и минатите години така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците на „Отскочна даска 3“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на четвртото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети – соопштија од фестивалот.
Заинтересираните учесници треба да бидат на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни. Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 20 мај, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ на 29 мај, со почеток од 20 часот. Одбраниот млад поет ќе чита и на официјалното отворање на фестивалот во МКЦ на 30 мај.