Режисерот Андреј Волкашин започна со снимањето на својот дебитантски долгометражен игран филм со сегашниот наслов „Слатката горчина на зрелите калинки“, соопштија од продукцијата „Веда филм“ од Скопје. Филмот е меѓународна копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Бугарија, со поддршка од Холандија и „Еуроимаж“, од каде што и доаѓа креативната и техничката екипа на филмот. Филмот ќе се снима до крајот на мај на живописни локации во општините Гевгелија и Демир Капија.
– Филмот ја следи приказната на Дора, која се осмелува да се препушти на сопствената природа и да ги оспори границите на општеството обликувано од патријархалното и традиционалното. Улогите во филмот ги играат четири жени, сите од различни генерации, меѓусебно поврзани: Зорица Нушева во главата улога, Долорес Поповиќ-Лео, Ана Костовска и Јана Никодиновска – соопшти продуцентката Елена Станишева.
Ова е единствениот македонски филм развиван во рамките на најпрестижната европска програма „Торино филм лаб“. Филмот е награден со прва награда на оваа програма, во период од 2018 до 2022 година, од најголемите студија на „Нетфликс“ во Холандија што ќе ја работат постпродукцијата на филмот.
Сценариото е на Андреј Волкашин, директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата е на Бојана Бачварова и Влатко Чачоровски, костимографка е Илина Чолак, маската и шминката се на Симона Ристевска и кастинг-директорка е Киријана А. Николовска. Продуцентка на филмот е Елена Станишева, а копродуценти Павлина Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниврана. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и националните фондови на земјите копродуценти на филмот.