Фото: Пиксабеј

Јагодите се богати со антиоксиданти што го зајакнуваат имунолошкиот систем, а имаат и најмалку калории од сите видови овошје. Сепак, диететичарите посочуваат повеќе ситуации во кои јагодите може да бидат штетни, дури и опасни.
Јагодите може да предизвикаат алергиски реакции, бидејќи се меѓу овошните плодови што најчесто предизвикуваат алергии. Јадењето јагоди може да предизвика кожни реакции или, кај некои луѓе, дијареја. Тоа се должи на прекумерното присуство на хистамин во јагодите како последица на начинот на нивното производство. Исто така, поради високата содржина на салицилати, луѓето што се алергични на тие соединенија треба да го избегнуваат ова овошје, бидејќи може да доведе до посериозни симптоми, како отежнато дишење, напади на кашлица и отекување на лицето и на грлото.
Јагодите често содржат големи количества пестициди, особено фунгициди, што ги прави „темпирани бомби“. Додека вообичаени симптоми на труење се дијареја, повраќање и главоболка, долготрајната акумулација на пестициди во телото може да го зголеми ризикот од оштетување на нервниот систем. Исто така, ситните семки од јагодите може да ја иритираат слузницата на цревата, што може да ги влоши проблемите со цревата, особено кај луѓето што веќе имаат воспалителни болести на цревата, како што е улцеративен колитис. Затоа, луѓето со вакви здравствени состојби треба да избегнуваат јагоди.